ТЕХНОЛОГИЈА

Виртуелна изложба на фотографии од стари радиоприемници

By kukuriku

February 15, 2023

По повод Светскиот ден на радиото – 13 февруари, единственото македонско списание за популаризација и примена на науката и техниката ЕМИТЕР, организира виртуелна изложба на фотографии од стари радиоприемници што се користеле и сè уште се користат во Македонија.

Во ЕМИТЕР се надеваат дека на овој начин ќе се оствари убав пресек на развојот на радио културата во Македонија. Засега одѕивот е солиден и во галеријата од написот како и на фејсбук фан страницата на ЕМИТЕР, веќе има изложени над 10-тина стари радиоприемници.

Доколку и вие имате репрезентативен примерок може да дадете и ваш прилог кон оваа изложба. Контактирајте ги ‘емитерци’, испратете неколку фотографии од радиоприемникот со неколку податоци во врска со него (модел, година на производство, бранови подрачја и некои занимливости) на redakcija@emiter.com.mk, а фотографиите ќе бидат објавени како на порталот на ЕМИТЕР, така и на фејсбук фан-страницата на списанието ЕМИТЕР. Податоците за радиоприемниците и сопствениците се дадени кај секоја од фотографиите.

За историјата на одбележување на Светскиот ден на радиото

По барањето на Шпанската радио академија на 20 септември 2010 година Извршниот одбор на УНЕСКО вклучил точка на дневниот ред за прогласување на Светски ден на радиото (World Radio Day – WRD). Одлуката за денот на којшто тој ќе се одбележува паднала за време на својата 36-та конференција на УНЕСКО на 3 ноември 2011 година. Тогаш било решено Светскиот ден на радиото да биде потсетник на денот кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година. Одборот понатаму побарал генералниот директор на УНЕСКО да ја поднесе резолуцијата пред Генералниот секретар на Обединетите нации, за Светскиот ден на радиото да биде одобрен од Генералното собрание и да биде прифатен од целиот систем. Светскиот ден на радиото бил едногласно прогласен од сите земји-членки на УНЕСКО, а за прв пат бил прославен на 13 февруари 2012 година.

Невенка Стојановска