Научниците идентификувале повеќе од 2.300 регулаторни ДНК-елементи што би можеле да бидат поврзани со препознатливиот изглед на изумрената птица. Нивната улога допрва треба експериментално да се потврди.
Вештачката интелигенција би можела да помогне во обидите за реконструкција на карактеристичните особини на додото. Истражувачи од американската биотехнолошка компанија „Colossal Biosciences“ идентификувале повеќе од 2.300 регулаторни ДНК-елементи потенцијално поврзани со обликот на черепот и клунот на птиците, пишува „Дејли меил“.
Овие наоди би можеле да придонесат за развивање особини слични на оние на додото кај неговиот најблизок жив роднина — никобарскиот гулаб.
Регулаторните ДНК-елементи дејствуваат како генетски „прекинувачи“: помагаат да се одреди кога и каде во организмот ќе се активираат одредени гени, а со тоа влијаат и врз неговиот развој.
Со помош на системот за вештачка интелигенција GenoMorph, истражувачите ги споредувале генетските податоци со обликот на черепите и клуновите кај повеќе живи видови птици. Притоа издвоиле 653 потенцијални регулаторни елементи поврзани со големината на клунот и уште 1.698 поврзани со неговата дебелина и ширина.
Сепак, засега не е докажано дека овие елементи директно ги предизвикуваат наведените особини. Следната фаза предвидува експериментална проверка на нивната улога, по што би можеле да следуваат и генетски измени кај живи птици.
Паралелно со истражувањето, компанијата ја проширила својата колонија никобарски гулаби во Тексас на 36 единки. Развиен е и нов систем за внесување генетски материјал во птичји ембриони.
Од „Colossal Biosciences“ сметаат дека овие достигнувања би можеле да помогнат во обновувањето на клучните особини на додото, кое изумрело пред неколку века. Сепак, реконструкцијата на одделни карактеристики е само една фаза во сложениот обид за негово враќање.