ОБРАЗОВАНИЕ

Улогата на наставникот

By kukuriku

January 14, 2019

Со оглед на тоа дека живееме  во времето богато со информации и со средства за стекнување на знаења, важно е да развиваме способности за побрзо и поквалитетно учење, со цел стекнатото знаење да го користиме за подобрување на квалитетот на живеењето.

Информатичката технологија допринесува во тие процеси, во исходите на перманентното образование – учење, исто како што овозможува стекнување на знаења. Тоа особено го овозможува користењето на компјутерот, интернетот.

При тоа потрeбно е да се ценат специфичните потреби на учениците, нивните можности, интереси, желби, способности, предзнаењата. Тоа значи, содржините и методите за работа да се прилагодат кон индивидуалните можности и потреби на учениците. Со оглед на тоа дека училиштето треба да биде основа за доживотно образование, наставните методи и постапките треба да бидат флексибилни и продуктивни. Тоа да се оствари, потребно е да се променат содржините на образованието, наставниците да се запознаат со ефикасни методи на рабoта и креирањето на личноста на ученикот, да се изработат системите на мерењето, на ефикасноста на наставната работа, на адекватен начин да се наградат наставниците, да се издвојуваат и поттикнуваат оние наставници кои постигнуваат резултати.

Значи, неопходно е да се организира индивидуализирана настава, бидејќи практиката покажа дека квалитетот на наставата и образованието се незадоволителни, особено, е изразена потребата за новата наставна технологија следена со примена на компјутер. “Да се индивидуализира наставата значи и да се ориентираме кон реални типови на ученици, да се земат во предвид разликите помеѓу нив, да  ги синхронизираме педагошките методи и процедури за педагошко влијание на овие разлики, да им се помогне на учениците да напредуваат со сопствено темпо и во согласност со своите способности. Главната цел на индивидуализација е да се научат учениците на учење, да се формира кај нив позитивна мотивација за учење и да се ослободат потенцијалните способности на секој ученик.”

Целта на индивидуализацијата е да се научат учениците како треба да учат, да ги мотивира за учење и да им овозможи развој на индивидуалните способности. “Структурна преобрaзба на училиштето (и наставата) и проширување на педагошкото влијание, доведуваат до длабоки промени на улогите на членовите на оваа институција, особено на наставниците. Нови функции на училиштето и наставата бараат поинаков тип, функција и улога на наставникот. Во современото училиште наставникот не “држи” само часови, и не е само тој главен извор на информации, туку личност/човек кој организира, поттикнува, вреднува, давајќи различни процеси на учење и умее  да примени, кога е потребно, одредена стратегија на надоместок. ”

Ова бара промени во улогата на наставниците и учениците, бидејќи се очекува дека современите техники и технологии ќе овозможат побрзо и подобро учење, што значи дека моменталната улога на наставникот, предавач и оценувач ќе бидат заменети со нови улоги. “Вклучување во наставата е основен и  најважниот дел од улогата на наставниците. Оваа сфера на неговата улога ги комбинира, обврските и очeкувања кoja образовниот систем ги дефинира низ  целите, задачите и содржините, и  со  непосредна комуникација со учениците како поединци и паралелката како група. Улогата на наставникот ги вклучува и одредените активности во однос на креирањето на наставните ситуации, обработка на наставната програма, избор и примена форми и методи на работа, на учениците како поединци и паралелката како група. Наставникот е креатор на уникатни, високо комплексни видови на ситуации, во кои  се случуваат бројни и разновидни процеси на лично и интерперсонално ниво. ”

Така, наставникот е многу важен учесник во наставата. Имајќи ја в предвид неговата клучна улога, од него зависи квалитетот на наставата. Со цел квалитетот да е повисок –  подобар учител, неговата работа мора да ја прилагоди на останатите чинители на наставата пред сѐ на учениците: нивните интелектуални способности, претходнто знаење, интересите, мотивацијата.

Во оваа смисла,  во интерперсоналните односи на наставникот и учениците наставните содржини се исто така битен фактор. Тие мора да бидат применливи, приспособени на возраста на учениците. А во сето тоа, “дидактичкиот триаголник” (учител, ученик, содржина, се додаваат соодветни  и други фактори на наставата: наставни материјали, наставни методи, форми на работа, со почитување на принципите и другите детерминанти на квалитетна настава. Сето тоа заедно овозможува постигнување на целите на наставата и води до фактот дека учениците стануваат поспособни, повеќе образовани, посамостојни  и попродуктивни во работата, а со тоа емоционално стабилни, социјално – интегрирани во општествениот живот, и така се развиваат во зрела личност.

Подготви педагог Виолета Крстевска Васиќ