Руски воени бродови го уништија украинскиот команден центар со крстосувачки ракети „Калибар“, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
– Убиени се повеќе од 50 генерали и офицери на украинските вооружени сили – се наведува во соопштението.
Руското Министерство за одбрана објави дека ракетите Калибар биле користени и за уништување на хаубици М777 доставени од Западот и оклопни возила.
Според Министерството, нападот се случил во близина на селото Широка Дача во областа Днепропетровск во Украина.
Ракетите го погодиле комплексот каде на состанокот се собрале командантите на неколку украински единици, соопшти Министерството.
Министерството додаде дека ракетите Калибар биле користени и за уништување на 10 хаубици М777 и до 20 оклопни возила кои неодамна беа испорачани од Западот, а складирани во зградата на фабриката во јужниот град Николаев.
Генералштабот на вооружените сили на Украина во неделата соопшти дека украинската артилерија уништила неколку руски повеќецевни ракетни фрлачи.
И Русија и Украина инсистираат на тоа дека целеле само воени цели и меѓусебно се обвинуваат за убивање цивили.