Топлотниот бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка | Има и смртни случаи

538

Топлотен бран зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, а овој топлотен бран, кој италијанското метеоролошко друштво го нарече Кербер по триглавото чудовиште на грчката митологија, исто така опишано во „Пеколот“ на Данте, се прогнозира дека ќе предизвика екстремни услови во следните неколку дена.

Се очекува температурите да надминат 40 степени Целзиусови во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција, јавува Би-Би-Си.

Во Италија температурите би можеле да достигнат и до 48,8 степени, а црвено предупредување е издадено за 10 градови, меѓу кои Фиренца и Рим.

Маж на околу четириесет години почина од топлотен удар во северна Италија во вторникот.

Италијанските медиуми објавија дека работникот фарбал пешачки премин во градот Лоди, во близина на Милано, пред да се сруши од жештината. Тој бил префрлен во болница каде подоцна починал.

„Се соочуваме со неподнослив топлотен бран“, напиша на Твитер италијанскиот политичар Никола Фратојани.

Неколку туристи во земјата веќе колабираа поради топлотен удар, меѓу кои и еден Британец пред Колосеумот во Рим.

Највисоки температури се очекуваат утре.

Во Прага во сабота се очекува да биде околу 36 степени, што е значително повисоко од просекот од 24 степени за јули.

Највисоката температура во Европа од 48,8 степени е забележана во близина на Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија во август 2021 година.

Повеќе од 60.000 луѓе починаа во Европа како последица на горештините минатата година. Се стравува дека овој топлотен бран може да предизвика уште многу смртни случаи ова лето.

Топлотен бран е период во кој температурите се повисоки од очекуваните за тој период од годината.

Експертите велат дека периодите на екстремно топло време се се почести и дека поради климатските промени ќе биде нормално да се забележат рекордни температури.