Тибет се подели на два дела | Огромен тектонски судир предизвикува раст на Хималаите | Видео

1882

Новата студија претставена на годишниот состанок на Американската геофизичка унија укажува на можно раздвојување на Тибет под издигнатите Хималаи, при што делови од континенталната плоча се одвојуваат „како капак од лименка“.

Хималаите се издигнуваат поради судирот на две континентални тектонски плочи, индиската и евроазиската тектонска плоча, но студијата сугерира дека геолошките процеси под највисокиот планински венец во светот може да бидат уште посложени отколку што се верувало досега.

Два паралелни процеси

Некои научници тврдат дека индиската плоча се лизга под евроазиската плоча без да нурне подлабоко во обвивката на Земјата, процес познат како субдукција или понирање. Други веруваат дека можеби подлабоките делови на индиската плоча се спуштаат, додека горните делови се упираат против Тибет.

Една нова студија сугерира дека и двете теории можеби се точни. Научниците пронашле докази дека индиската плоча тоне, но истовремено се свиткува и пука, при што горниот дел од плочата се одвојува.

„Не знаевме дека континентите можат да се однесуваат така, и ова е сосема фундаментално за науката за цврстата земја“, објаснува геодинамичарот Douwe van Hinsbergen од University of Utrecht (Netherlands).

Сеизмички бранови

За да добијат појасна слика за тоа што се случува под Тибет, истражувачите ги проучувале земјотресните бранови кои минуваат низ кората на местото каде што се судираат двете плочи. Тие реконструирале слики кои покажуваат пукнатини во кората на индиската плоча.

Ова откритие може да укаже и на области со зголемен ризик од земјотрес долж границата на плочата.

Иако научниците сè уште не разбираат целосно како пукањето и свиткувањето длабоко во кората се претвораат во акумулација на стрес на површината, новата студија ја отвора вратата за подобро разбирање на геолошките процеси под Хималаите.