Свети 40 севастиополски маченици – Младенци

625

На почетокот од IV век, императорот Ликиниј издал строга наредба со која се забранувало јавно исповедање на христијанската вера.

Во исто време, во ерменскиот град Севастиопол се наоѓала воена формација во која имало 40 војници христијани. Овие војници се одликувале со исклучителна храброст и ревност во извршувањето на задачите и затоа биле особено почитувани, како од претпоставените, така и од локалното население.

Откако нивниот заповедник Агриколај го добил императорскиот указза уништување на христијаните, со нажалена душа, а во страв за сопствениот живот, на младите војници христијани им понудил богатство и воени почести, само да се откажатод христијанското учење. Но, војниците христијани биле цврсти во верата, така да никакво ветување на земни благане можело да ја разниша нивната вера.

И по неколкудневното убедување од заповедниците, христољубивите војници останале на своето. И тогаш почнале измачувањата. На секое мачење, на секое ново страдање, тие одговарале со пеење псалми. Кога мачителите виделе дека ништо не помага за да ја остварат својата сурова намера, ги ставиле 40-те војници во езеро недалеку од Севастиопол.

Времето било студено, езерото подмрзнувало, а мразот се стегал околу телата на Христовите војници. Наместо страв и солзи, војниците извикувалемолитви кон Господа, а молитвениот жар ги затоплувал нивните страдални тела. Недалеку, пак, од езерото мачителите приготвиле топла бања, за да ги соблазнат војниците, но само еден од нив им подлегнал на искушенијата. Маловерниот војник го заменил вечното блаженство за топла бања, но умрел на пат до неа, и засекогаш.

Тогаш, од небото засветлила чудесна светлина и 39 светли венци се спуштиле на главите на мачениците. Еден од заповедниците, кој ги чувал војниците, откако го видел ова чудо, извикал: „И јас сум христијанин!“, и влегол во подмрзнатото езеро и го заслужил четириесеттиот венец на маченичката слава. Под вакви страшни маки 39-те војници и еден заповедник ги завршиле своите земни животи и за вечност се украсиле со нераспадлив венец на мачеништвото во Царството Божјо.

Во Скопје постои обичај, сите брачни парови кои склучиле црковен брак во текот на минатата година да дојдат на празникот Младенци и да го посетат храмот каде што се венчале. При посетата на црквата во која ги дале брачните завети, младоженците ги догоруваат свеќите од венчавањето и молитвено Му се заблагодаруваат на Бога за благословот да живеат заеднички брачен живот потсетувајќи се на нивното брачно крунисување.

Зашто, на нивните глави биле ставени венци, царски венци, како симбол на тоа дека секој човек е господар во своето семејство; маченички венци – зашто успешен брак бара жртви и меѓусебно разбирање; венци на славата – славата во Царството Небесно.