Свадби со 500 гости, забави со две илјади луѓе – мерките за угостителите се добри за во иднина

106

Во последните 24 часа се направени 539 тестирања, а регистрирани се 83 нови случаи на ковид-19.

Владата со цел превенција од ширење на вирусот, деновиве воведе нови ограничувања во работата на угостителските објекти. Токму ова предизвика реакција кај угостителите, кои најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите, оценија дека со рестрикциите нема да се намали бројот на заболени и побараа унифицирани протоколи.

По оваа одлука музичарите најваија протест.

Музичарите од земјава повикуваат на масовен протест кој ќе одржи пред Влада, утре со почеток од 14 часот, а на кој ќе бараат да им биде дозволено да настапуваат, бидејќи, како што велат, оставени се на раб на егзистенција.

  • Валиден ПРОТЕСТ на документ, по здравствени мерки, со маска, секој на растојание од 1.5 метар по човек, со наши редари кои ќе ги препознаваат кои се дел од протестот, со полиција која не заштитува нас од околни непознати ликови или политички демонстранти, бина огромна со настап на естрадни музичари, диџеи и останати уметници… Така да, СЕГА излегуваме СИТЕ, сега го остваруваме правото СИТЕ, сега креваме врева, нема веќе време понатаму кога!!! За вас и нас се работи, за нашите кариери и фамилии кои ги храниме дома, за вашите деца е ова – пишува во објавата која што е истакната на социјалните профили на речиси сите музички работници во земјава.

Според НУК, новите ограничувања ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје.

Претседателот на Комората, Здравко Јосифовски вчера изјави дека многу побезболно, подобро и поквалитетно решение ќе беше Владата наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да ги зголеми ингеренциите, да даде поголеми надлежности и пренесе нови овластувања на Државниот пазарен инспекторат.

Според директорот на Здравствениот дом Скопје и член на Комисијата за заразни болести Виктор Исјановски, донесените мерки за работата на угостителите се добри за во иднина. Тој смета дека не сите угостители ги кршат протоколите и затоа не треба да се оди кон нивното ригорозно затворање или санкционирање. Но, посочи дека ако продолжи растот на бројот на заболени, знаејќи дека доаѓа еден тежок зимски период со вирози и грип, ќе биде потребно да се преземат соодветни мерки понатаму.

  • Големите собирања како што се свадби се многу зачестени, се собираат до 500 или 600 луѓе, а во дискотеките дури до две илјади. Ова е ризик не само за тие кои учествуваат во дискотеките, туку и за домашните, и за најблиските, за сите кои ги почитуваат мерките, истакна вчера Исјановски.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18873, бројката на оздравени пациенти е 15487, на починати е 760, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2626.