СПОРТСКОТО ИГРАЛИШТЕ „СОКОЛ“ ДОБИ НОВА ТАРТАН ПОДЛОГА | Видео

665

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска беше во обиколка на спортското игралиште „Сокол“, каде што се одвиваат завршните подготовки пред стартување на деветнаесеттиот Меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“ кој е закажан за 1 септември, годинава.

За таа цел, Државната видеолотарија на Македонија и донираше парични средства на Општината во висина од 2.500.000 денари, со помош на кои, деновиве беше поставена нова тартан подлога на ова спортско игралиште.

Инаку, Општина Карпош го поддршува традиционалниот турнир со 300.000 денари, а покрај паричните средства, локалната самоуправа изврши корекција на трибинскиот простор и заштитната ограда. Во оваа пригода, првиот човек на Општината изрази голема благодарност до донаторот, при што упати апел и до другите општествено одговорни компании, да го следат примерот на Државната видеолотарија на Македонија.

– Спортскиот дух на Општина Карпош никогаш не недостасувал. За тоа говори и симболиката на ова игралиште, кое го носи името на трагично загинатиот навивач на ФК Вардар. Локалната самоуправа нема да застане тука. Оттука, навестуваме дека веројатно ќе се прави и детското и кошаркарското игралиште. Сѐ на сѐ, јасно покажуваме дека оваа насока во којашто се движиме со овие донации од општествено одговорните компании, високо е почитувана не само од локалната самоуправа, туку и од граѓаните коишто ова го консумираат – истакна Јакимовски.

Во рамки на работната средба присуствуваше и маркетинг директорката на Државната видеолотарија на Македонија, Вики Ристоска – Чадиковска, која изрази задоволство од меѓусебната соработка со Општина Карпош.

– Ние како општествено одговорна компанија со својата стратегија настојуваме да придонесеме во изградба на инфраструктура којашто ќе овозможи спортување првенствено на најмладите, а потоа и на сите останати возрасни категории на граѓани. Се надеваме дека со оваа донација ќе овозможиме континуирано да се гради спортскиот дух и на територија на општина Карпош – посочи Чадиковска.

Одделение за односи со јавноста
ОПШТИНА КАРПОШ