Некогаш одамна, Буда одеше низ градовите заедно со неколку свои следбеници. Тоа беше на самите почетоци кога тој стана учител.
Додека патуваа, се случи да стигнат до едно езеро. Застанаа покрај езерото да се одморат и тогаш Буда му рече на еден од своите ученици: “Јас сум жеден. Ќе ми донесеш ли малку вода од езерото?”
Ученикот послушно се упати кон брегот. Самошто се навeдна да наполни вода, забележа дека една група на луѓе погоре, перeа алишта во езерото, и токму во тој момент еден од нив фрли голем камен во водата и потполно ја замати. Ученикот си помисли: “Не можам да дозволам учителот да пие од оваа вода!” Потоа се врати назад и нервозно му кажа што се случи.
Буда остана спокоен и за половина час повторно побара од ученикот да се врати до езерото и да наполни вода. Ученикот го послуша. Овој пат тој забележа дека езерото е мирно, а водата сосема чиста. Калта се имаше спуштено на дното и бистрината на водата беше вратена. Така тој наполни вода и му ја однесе на жедниот учител да се напие.
Буда погледна во водата, потоа погледна во ученикот и му рече: “Виде ли како ти ја направи водата чиста?”
Кога го забележа збунетиот израз на лицето до својот ученик, продолжи: “Едноставно и дозволи да мирува и калта се спушти на дното сама од себе… Твојот ум функционира на ист начин. Кога тој е вознемирен, пушти го да биде… дај му малку време и тој ќе се смири сам од себе. Не треба да вложуваш напор за да го смириш. Тоа секако ќе се случи по некое време, тука не треба трудење.”
Што сакал да го научи Буда својот ученик?
Да учиме да имаме мир и спокој во умот и душата. Да не дозволуваме жедта за материјални работи да ни го замати паметот. Да не се вознемируваме премногу кога нешто нема да се случи онака како што сме очекувале…
Да дозволиме бурата да помине, а потоа да го дочекаме спокојот. Кога нашата душа е мирна, тоа се чувствува наоколу. Спокојот се шири и влијае позитивно на сите други. Така вие ќе бидете личност која најпрво е среќна сама со себе, а потоа обожавана и од другите.