Соседите веќе се вакцинираат, ние ќе почекаме до март – руската не ни бега

449

Додека сите земји во регионот започнаа со вакцинација на населението против ковид-19, Македонија се уште чека преку Ковакс механизмот да ни бидат доделени вакцини. Граѓаните стравуваат дека предоцна ќе ги добијат вакцините како што беше случајот со вакцините против сезонскиот грип, но власта смирува.

Министерот за здравство Венко Филипче на една од своите прес конференции овој месец истакна дека очекува вакцините против ковид-19 во Македонија ќе стигнат во месец март.

– Сите земји ги имаат истите активности, фокусирани се на вакцината како и ние. Најавата преку Ковакс системот, иако не конкретно, е дека вакцините треба да ги добиеме во месец март, како ние така и останатите земји од регионот кои имаат случено договор преку Ковакс системот, рече Филипче.

И додека ние ќе треба да почекаме до март за имунизација, во земјите од соседството веќе се одвива вакцинацијата против Ковид-19.

Србија започна со вакцинација на 24.12.2020 година, додека Бугарија и Грција започнаа вчера.

Според епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски вели дека Ковакс како механизам е формиран за да се надминат нееднаквостите.

– 400 милиони вакцини се набавени за земјите од ЕУ. Не знам како ќе оди целата работа со вакцинирањето кај нас, нашите соседи веќе започнаа со вакцинирање. Откупено е производство на вакцини однапред. Големите земји прво си гледаат за себе, па ако остане нешто од вакцините и за помалите земји. Богатите земји кои можат да си дозволат да го откупат целото производство не мислат за другите, сите на ова парче планетарно сме дел од еден ист систем на затворени садови. Си играат со оган, ако малите земји останат невакцинирани, може тоа да е опасност и за нив, може вирусот потоа пак да се прошири и кај нив, рече епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во Студио 10 на ТВ24.

Во делот на набавка на вакцините премиерот Зоран Заев во едно од неговите интервјуа рече дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот.

– Пуштено е формално барање за понуда до две компании, „Фајзер“ и „Астра Зенека“ и се надеваме дека наскоро ќе имаме формална понуда од нив“, рече премиерот Заев.

Тој истакна дека е обезбеден и трет механизам преку Европската унија и посебно од Грција за дополнителни 800.000 вакцини преку ЕУ од вкупно 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.

Во тек е подготовка и логистичката организација на целата операција за вакцинирање против ковид-19 за што се донесени неколку одлуки.

– Вакцинацијата за граѓаните ќе се врши на постоечките здравствени капацитети, вакцинални пунктови и болници. Сите здравствени работници кои ќе бидат задолжени за аплицирање на вакцината треба да бидат обучени со поддршка од СЗО, рече премиерот Заев.

Дали можевме и ние порано да добиеме вакцини?

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски рече дека темпото за пристигнување на вакцините го утврдува Ковакс системот, на СЗО и Глобалната алијанска за вакцинација.

– Како што ќе доаѓаат вакцините од разни производители, еднакво ќе бидат дистрибуирани до сите земји кои аплицирале. Ние преку овој механизам ќе ја добиеме вакцината Спутник. Вакцини ќе добиеме и од Бугарија, станува збор за донација на дел од количината која оваа држава ќе ја добие. Кога вакцината ќе биде дистрибуирана до нив, ќе биде и до нас. За вакцините кои ќе ги добие од Бугарија државата нема да плати, рече портпаролот на Владата.

Дали е точно дека Македонија ја одбила руската вакцина Спутник прашавме во Министерството за здравство од каде што не добивме конкретен одговор.

– Министерството за здравство ги разгледува сите опции за преговори со производители на вакцини против Ковид 19. Понудата за вакцината Спутник 5 ја имаме предвид. Што се однесува на формалното барање до „Астра Зенека“, за доставување на вакцината, директните преговори со произведувачите на вакцините се во тек, кратко ни одговорија од МЗ.

Русија ја почна програмата за вакцинирање со вакцината Спутник 5 уште на почетокот на декември. Меѓу првите се вакцинирани најранливите групи во Москва. Има најави дека вакцината ќе ја прими и претседателот Владимир Путин.

Слободен Печат