Солзи – филтрите на вашата душа

510

“Не плачи!”

Тоа е претежно реакција која ќе ја добиете ако, случајно, пуштите солза пред некого. Нели?

Колку пати само сте го слушнале тоа?

Потоа ќе ги избришете тие “срамни” солзи, ќе го издувате носот и ќе почекате да дојдете дома, да се затворите во соба, евентуално ќе пуштите некоја музика и ќе се исплачете.

Но, зошто ви кажувале да не плачете?

Да не плачете пред нив?

Или воопшто да не плачете?

Што имаме ние против солзите на оние кои ги сакаме?

Па дури и ако не ги познаваме, зошто нѝ пречат туѓите солзи?

Зошто бегаме од солзите?

И солзата сака некој да ја види, можеби и нежно да ја избрише. И плачењето сака некој да го чуе, да го разбере, и да го прифати. Тагата тешко се носи на плеќите. Секој товар, дури и ваков, е полесен кога човекот не го носи сам.

Но, на крајот на краиштата, не е важно дали имате рамо за плачење или не, солзите се толку моќно средство за чистење на душата што апсолутно вреди да се исплачете во секое време, било каде и заради било што.

Луѓето често се изненадени кога ќе ми се пожалат на тоа дека плачат со денови, а јас на тоа се воодушевувам.

Им велам: “Одлично! Само продолжете така.”

Зошто? Бидејќи знам дека, еднаш кога нивната душа целосно ќе се прочисти и кога нивното срце ќе се врати во нормален ритам, тие ќе се чувствуваат толку добро, всушност подобро, што ќе добијат божествен полет да станат и да продолжат понатаму.

Нема ништо поубаво и посвето од личноста која паднала, претрпела неуспех, патела, не успеала … а потоа полека станала, ги избришала солзите, ја кренала главата и продолжила таму каде што застанала. Никој не е посилен од оној кој го признал поразот, силно се исплакал и се вратил да се бори. Солзите се најприродна можна појава.

Ако не се природни,  зошто тогаш нашето тело спонтано се подготвува, практично се мести за плачење кога нѝ е тешко и нѐ обзема тагата?

Тагата е составен дел од сечиј живот. Таа не им припаѓа на  било какви лоши чувства кои треба да се избегнуваат по секоја цена. Како и сите други чувства, треба да ѝ се обрне внимание, да се анализира, прифати, да се отпушти и конечно од себе преку солзите да се истисне.

Животот е тежок, за секој на свој начин. Можеби никој не нѐ прашал дали сакаме да живееме, каде и како, и понекогаш  сме принудени да бидеме во околности кои дури и не нѝ одговараат, но барем добиваме прибор да се “издуваме” кога нѝ е тешко. Искористете го тоа. Не се срамете. Како и стотици пати до сега, знаете и сами дека ќе ви биде многу полесно после добро плачење.

Дајте им го на другите своето раме кога ќе се растажат. Изненадете некој следниот пат кога очите ќе му се насолзат, па наместо “Не плачи”, кажете му: “Добро исплачи се, јас сум тука за тебе!”

Прегрнете го силно и бидете трпеливи. Каков прекрасен подарок ќе биде тоа. Од душа на душа.

Ајде да се обложиме дека никогаш нема да го заборави тоа?

Солзите се сосема во ред. Солзите се подарок, од ангелите или добрите вили, од Бога или од мајката Природа, можеби никогаш нема да дознаеме. Преку солзите, сета таа тага која не ја сакате повеќе во себе конечно да излезе од вас. Најефикасно средство за миење на душата, без оглед на видот на тага или болка.

На крајот на краиштата, како што зборувала мојата покојна баба кога бев мала, кога ќе паднев и ќе се расплачев: “Плачи, малечка, плачи, помалку ќе мочкаш!”

Бојана Чупиќ