SHOWBIZ

Скопје на 9 и 10 јуни пулсира во ритамот на Урбан Фест – два дена македонска музика и енергија во Градски парк

By kukuriku

June 03, 2026

Оваа година, по повод роденденот на Урбан ФМ радио и крајот на учебната година, Скопје ќе биде домаќин на второто издание на Урбан Фест – единствениот радиски фестивал на отворено во Македонија.

Фестивалот ќе се одржи на 9 и 10 јуни во Градскиот парк – Вембли, каде што на едно место ќе се обедини заедницата која 365 дена пулсира на фреквенцијата на Урбан ФМ, со цел заеднички да ја прослави македонската музика во живо.

Урбан Фест 2026 носи дводневна програма со повеќе од 25 музички артисти, кои активно ја креираат современата македонска музичка сцена. Станува збор за селекција на автори и изведувачи од различни жанрови, кои со својата работа придонесуваат за развојот и видливоста на домашната музика.

Покрај главната музичка програма, фестивалот ќе вклучи и предфестивалска детска програма, во рамки на која ќе настапат 18 дечиња од Музичка фабрика. На тој начин, Урбан Фест добива и семеен карактер, отворајќи простор за најмладите да бидат дел од големата музичка сцена.

Станува збор за проект кој работи со млади музички таленти и кој во својата прва сезона опфати над 600 деца од повеќе градови низ Македонија, од кои се селектирани 20 солисти и формиран детски хор. Проектот кулминираше со ревијален концерт во Македонскиот народен театар, каде настапија вкупно 170 деца, изведувајќи 20 нови авторски песни создадени од над 30 македонски автори, композитори и продуценти.

Урбан Фест не е само музички настан – тој е платформа за поддршка на македонските артисти и симбол на истрајноста на домашната сцена во предизвикувачки времиња. Ова е фестивал кој ги слави креаторите, авторите и сите оние кои не престануваат да вложуваат во македонската музика.

Влезот за сите посетители е бесплатен.

Имињата на артистите ќе бидат објавувани постепено во деновите пред фестивалот, а публиката се повикува да ги следи каналите на Урбан ФМ за повеќе информации.