ИНФО 369

Силен земјотрес од 7,5 степени го погоди североистокот на Јапонија – издадено предупредување за цунами до 3 метри

By kukuriku

April 20, 2026

Силен земјотрес со магнитуда од 7,5 степени го погоди североисточниот брег на Јапонија во понеделник попладне, предизвикувајќи тревога од цунами и итни апели за евакуација на населението од крајбрежните подрачја.

Властите предупредија дека се можни цунами бранови високи до 3 метри, особено во префектурите Ивате и Аомори на островот Хоншу, како и на северниот остров Хокаидо. Во првиот час по потресот, регистрирани беа бранови високи до 80 сантиметри, но опасноста од посилни удари останува.

Неколку крајбрежни градови, меѓу кои Отсучи и Камаиши – кои беа тешко погодени во катастрофата во 2011 година – издадоа наредби за евакуација на илјадници жители, пренесе јавниот сервис NHK.

Премиерката Санае Такаичи соопшти дека е формирана итна владина работна група, нагласувајќи дека приоритет е безбедноста на граѓаните.„Се испитуваат можните штети и евентуални жртви“, изјави таа пред новинарите во Токио.

Јапонската метеоролошка агенција (JMA) предупреди дека цунами бран од 3 метри може да предизвика сериозни поплави во ниските подрачја и да ги однесе луѓето и објектите со силните струи.

Снимките од NHK покажаа како бродови го напуштаат пристаништето Хачинохе во пресрет на брановите, додека на екраните се појавуваше итно предупредување: „Цунами! Евакуирајте се!“.

Поради потресите, беше прекинат сообраќајот на брзите возови во регионот Аомори, јави агенцијата Кјодо.

Земјотресот бил со интензитет од горните 5 степени според јапонската скала, што значи дека бил доволно силен да го отежне движењето на луѓето и да предизвика оштетувања на објекти. Епицентарот бил во Тихиот Океан, на длабочина од околу 10 километри.

Јапонија се наоѓа во таканаречениот „Огнен прстен“ – зона со засилена сеизмичка активност околу Тихиот Океан – поради што е една од најпогодените земји од земјотреси во светот. Според податоците, таму се регистрираат околу 20% од сите силни земјотреси глобално.

Сепак, надлежните информираа дека во погодените области нема активни нуклеарни централи, а компаниите за електрична енергија соопштија дека не се забележани неправилности во нивните постројки.