СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ ТУРЦИЈА ! Магнитуда од 6,1 степени според Рихтеровата скала, 35 повредени

407

Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала рано утринава ја погоди северозападна Турција, соопшти Геолошкиот институт на САД (USGS), а според турските власти, 35 лица се повредени.

Земјотресот бил на длабочина од десет километри и е регистриран во 04:08 часот по локално време (02:08 часот по средноевропско време) на околу 170 километри источно од Истанбул, најголемиот град во земјата, соопшти американскиот институт.

Турските власти соопштија дека земјотресот бил со јачина од 5,9 степени, а епицентарот бил во Гољака, на северозапад од земјата.

– Имаме 35 повредени лица, од кои едно е во критична состојба – изјави турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.

Властите соопштија дека лицето кое било пренесено во болница и е во критична состојба, се здобило со повреди додека скокнал од балкон.

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека не треба да има многу жртви или големи штети на местата погодени од земјотресот.

Тој рече дека биле забележани 70 последователни потреси, од кои шест биле со јачина од четири степени. Поради страв од нови земјотреси, многу мештани по земјотресот останале два часа надвор, јавуваат турските медиуми.

Турција се наоѓа на една од најактивните сеизмички зони во светот.