Силен земјотрес ја погоди Јапонија | Без оштетување на нуклеарната централа | Видео

349

ТОКИО – Земјотрес со јачина од 7,1 степен се случи на 60 километри источно од брегот на префектурата Фукушима во Јапонија, денес во 23.08 часот по локално време (15.08 по средноевропско време) и според првите извештаи, нема штета на нуклеарната централа во таа област.

Засега нема предупредување дека доаѓа цунами, но како претпазливост им беше кажано на жителите што живеат во крајбрежниот дел да се движат кон ридовите, објави „Јапон тајмс“.

Нема извештаи за можна штета или повредени, но фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат паднати полици и маси во куќи, пренесува Танјуг.

Во меѓувреме, јапонската влада формираше работна единица која ќе го посети местото на земјотресот, додека премиерот Јошихиде Суга се јави од неговата канцеларија 20 минути по земјотресот.

Агенцијата Кјодо додава дека не биле забележани никакви неправилности во работата во нуклеарната централа во селото Токаји.

Фукушима се наоѓа во регионот Тохоку, на островот Хоншу, а главен град е Фукушима.

Островот беше погоден од земјотрес и цунами на 11 март 2011 година, што предизвика дефект во нуклеарната централа Фукушима.

Земјотресот тогаш изнесуваше 9,3 степени, а огромните бранови од 16 метри, кои го преплавија јапонскиот остров, однесоа повеќе од 19 000 животи.