Иако телото е под целосна анестезија и лицето е во состојба на несвест, мозокот продолжува активно да го обработува светот околу себе – вклучително и говорот и јазикот.
До овој заклучок доаѓа ново истражување објавено во списанието Nature, а пренесено од Euro News, кое покажува дека одредени делови од мозокот остануваат функционални дури и кога свеста е исклучена.
„Нашите наоди покажуваат дека мозокот е многу поактивен и поспособен за време на несвест отколку што претходно се мислеше“, изјави Самир Шет од Медицинскиот колеџ Бејлор, коавтор на студијата.
„Дури и под целосна анестезија, мозокот продолжува да го анализира светот околу нас“, додава тој.
Како било спроведено истражувањето?
Научниците анализирале седум пациенти кои биле подложени на хируршки зафат за лекување епилепсија, при што им бил отстрануван дел од темпоралниот лобус.
За време на операцијата, истражувачите користеле специјални Neuropixels сонди – ултратенки силиконски игли што овозможуваат директно следење на активноста на невроните.
Целта била да се утврди како мозокот реагира на звуци и говор во состојба на несвест.
Мозокот ги препознава звуците и предвидува зборови
Во првиот експеримент, пациентите слушале серија идентични тонови, повремено прекинувани со различен звук.
Резултатите покажале дека дури 71 процент од невроните реагирале на тоновите, што укажува дека мозокот активно ги регистрирал звучните сигнали. Околу 25 проценти од невроните реагирале токму на „неочекуваните“ тонови.
Истражувачите забележале и дека мозокот со текот на времето станувал сè подобар во препознавањето на различните звуци.
Обработка на говор и без свест
Во вториот дел од истражувањето, четворица пациенти слушале подкасти додека биле под анестезија.
Научниците откриле дека мозокот обработува говор во реално време, реагирајќи на поединечни зборови, интонација и различни елементи на јазикот.
Уште поизненадувачки е што мозокот успевал и да ги предвидува следните зборови врз основа на контекстот – способност што досега најчесто се поврзуваше со свесното внимание.
„Овој тип предвидливо кодирање обично го поврзуваме со будност и концентрација, но гледаме дека се случува и во несвесна состојба“, објаснува професорот Бенџамин Хајден од Медицинскиот колеџ Бејлор.
Потребни се дополнителни истражувања
Авторите нагласуваат дека се потребни нови студии за подобро да се разбере како функционира мозокот за време на анестезија, како и дали слична невронска активност се јавува и за време на спиење или други состојби на несвест.
Истражувањето отвора нови прашања за човечката свест и покажува дека мозокот можеби никогаш целосно „не се исклучува“.