Шест месеци по повредата, пациентот се вратил во нормалните сексуални активности, без никакви потешкотии.
Еден Британец се закити со титулата медицински феномен откако неговите лекари изјавија дека тој е првиот познат медицински пример на маж кој доживеал вертикална фрактура на пенисот за време на секс, пишува Gizmodo. И покрај оваа чудна повреда, тој успеал целосно да се опорави.
Фрактура на пенисот е всушност кинење на заштитната мембрана која го опкружува еректилното ткиво во кое тече крвта во пенисот. Причината поради која чувството е слично на скршеница на коска е што повеќето од овие повреди се случуваат за време на секс кога пенисот во целосна ерекција се витка претерано и пука под притисок, предизвикувајќи течење на крв од пенисот.
Повредата е скоро секогаш придружена со силен звук на пукање, како и модринки и отоци кои наскоро се појавуваат. Исто така, предизвикува непосредно губење на ерекцијата. Иако не е невообичаено, овој вид на повреди ретко се пријавува, најверојатно затоа што е непријатен за пациентите.
Урологот, автор на студијата објавена во списанието BMJ Case Reports, тврди дека овој пат повредата била поретка од типичната форма. Како и во повеќето други случаи, 40-годишникот е повреден за време на секс, но не ги покажал вообичаените симптоми. Тој не слушнал никаков звук, отокот не бил голем и веднаш не ја изгубил ерекцијата, но постепено исчезнала.
Опасни пози
Лекарите биле сомнителни во целиот случај, па нарачале магнетна резонанца на пенисот и имале право. Пациентот имал пукнатина долга три сантиметри, која започнала од десната страна и се протегала надолжно низ средината на пенисот, а не попреку како е вообичаено.
Студијата наведува дека ова е прва ваква повреда забележана досега во медицината. Иако пациентите можат да имаат сериозни последици, операцијата во овој случај го запре крварењето и ја санира пукнатината, а пациентот се опоравил без долгорочни последици. Веќе шест месеци по повредата се вратил во нормалните сексуални активности, без никакви потешкотии.
Лекарите истакнуваат дека ваквите повреди најчесто се јавуваат кај мажи постари од 40 години кои практикуваат кучешка поза или т.н. каубојка.