Ресен без регистриран, а Свети Николе долго време без ниту еден заболен со Ковид-19

187

Во време кога ширењето на заразата од Ковид-19 во Македонија никако да запре, Ресен e единствена опшгтинa во земјава каде досега не е регистириран ниту еден позитивен случај. Свети Николе, пак долго време издржа без ниту еден заболен. Ова е резултатот пред се на дисциплината на граѓаните и почитувањето на меркитe.

„На самиот почеток Преспа како специфично место и како туристичко место, донесовме одлука за затворање на сите познати туристички локалитети, уште пред воведувањето на полицискиот час и таа одлука беше добра. Можеби како резултат и на тие мерки досега немаме заболен од Ковид-19“ изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Ресен и Преспанскиот регион се познати иселенички места, па на почеток на појавата на корона вирусот се соочиле со бран иселеници, но сите тие по нивното доаѓање од странство останале во домашна самоизолација и ги почитувале дадените насоки од институциите.

Во Свети Николе пак презеле и други мерки. Вршеле редовна дистрибуција на течност за дезинфекција до граѓаните со цел поголема превенција и заштита од вирусот.

„Се вклучија добороволци од Доброволното противпожарно друштво и инсталираа три пункта за дезинфекција на возила кои влегуваа во Свети Николе. Земјоделците сами се понудија и се вклучија во дезинфекција на улици во градот и селата со сопствена механизација. Имаме волонтери кои се вклучија во изработка на визери кои ги донираа на Здравствениот дом во Свети Николе“ вели Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

И двајцата градоначалници велат дека во изминатиот период имале јавувања од колеги градоначалници но и од збратимените градови од соседните држави, кои барале совети како успеале да се справат со заразата.

„Формиравме мобилни тимови кои се активни во делење на промотивни материјали, достава на прехранбени материјали и лекови на стари и изнемоштени лица и на лицата кои се во самоизолација. Воведување на ред во продавници, делење на заштитни маски и дезинфекција на сите колективни згради“ вели Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

И во Ресен извршиле дезинфекција на училиштата и градинките како и на јавните површини и улици. Организирани биле редарски служби и поставени налепници за држење на прописно растојание на пофрекфентните деловни објекти.