Ракета на американската вселенска компанија „Блу Ориџин“ експлодираше за време на тестирање на мотор на лансирна рампа во Флорида, објави Би-Би-Си.
Снимките од местото на инцидентот во Кејп Канаверал покажуваат огромна огнена топка која го зафатила објектот, додека компанијата потврди дека дошло до сериозен проблем при тестирањето.
Безос: „Тежок ден, но повторно ќе летаме“
Од „Блу Ориџин“ соопштија дека за време на тестот за палење на моторот се случила „аномалија“, но нагласија дека сите вработени се безбедни и евидентирани.
Инцидентот се случил околу 21 часот по локално време.
Основачот на компанијата, Џеф Безос, преку социјалните мрежи изјави дека засега е прерано да се утврди точната причина за експлозијата.
„Ова е многу тежок ден, но ќе обновиме сè што е потребно и повторно ќе летаме. Вреди трудот“, напиша Безос.
Нема опасност за населението
Агенцијата за управување со вонредни состојби на округот Бревард соопшти дека нема закана за јавноста.
Од американските Вселенски сили информираа дека нивните служби за итни случаи веднаш излегле на терен и соработуваат со „Блу Ориџин“ во истрагата за причините за инцидентот.
Федералната администрација за воздухопловство (FAA) потврди дека е запознаена со случајот, но наведе дека тестирањето не било дел од активност лиценцирана од агенцијата и дека немало последици врз воздушниот сообраќај.
НАСА: Развојот на тешки ракети е исклучително сложен
За несреќата реагираше и администраторот на НАСА, Џаред Исакман, кој истакна дека вселенските летови носат големи ризици.
„Развојот на нови системи за лансирање тешки товари е исклучително тежок. Ќе соработуваме со партнерите за темелна истрага и за враќање на мисиите во нормала“, порача тој на платформата X.
Нов проблем за „Блу Ориџин“
Експлозијата доаѓа само еден месец откако ракетата „Њу Глен“ на „Блу Ориџин“ беше привремено приземјена по истрага на FAA поради проблем при лансирање.
Компанијата претходно се обиде да постави сателит на AST SpaceMobile во орбитата, но мисијата не успеа да ја достигне планираната височина.
И покрај последните проблеми, „Блу Ориџин“ минатиот ноември успешно ја лансираше ракетата „Њу Глен“ од Флорида и за првпат успешно го приземји нејзиниот повеќекратно употреблив бустер.