Работниците дочекаа уште еден 1 мај со згазени права | Секоја влада ги штити работодавачите, тешко се крши тој бедем

530
Фото motika.mk

Првомајското славење е без синдикални маршеви и вообичаениот фолклор со кој се покажува вечната битка меѓу работодавачите и работниците. Во овие вонредни услови, на работниците им треба силна заштита, повеќе од кога било.

Годинава нема првомајски маршеви, транспаренти, свирежи и извикување на познатите слогани со кои се бара правда за работниците. Коронавирусот го оневозможи овој вообичаен фолклор, со кој се покажува вечната битка меѓу работодавачите и работниците. Оваа година, како што вели најголемото синдикално здружение, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), се води дигитална револуција, со дигитален синдикален марш.

Но, колку синдикатите се спремни и колку можат да ја извојуваат синдикалната битка, особено што е јавна тајна дека и тие долги години наназад беа под закрилата на власта.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели дека работодавачите се тежок партнер за преговарање, особено поради поддршката што ја имаат од секоја влада.

– Корона-кризата и вонредната состојба не може и не смее да биде причина за кршење на работничките права. Ќе се бориме за зачувување на секое работно место и за што е можно подостојни плати. Товарот сега мора да го понесат и газдите што се покажаа како многу егоистични, а и работниците. Нема да толерираме ниеден министер што ќе застане и што ќе каже дека во овие услови може да се отпуштаат работници до одреден процент. Тоа газдите едвај го чекаат. Дефинитивно, ни престои тешка синдикална борба – вели Димовски.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески, вели дека синдикално движење мора да стане помасовно, пообединето и ги охрабрува работниците да се приклучат кон синдикатите затоа што само заеднички може да се изборат за некое право.

– Основното наше барање е порамномерна распределба на богатството, затоа што сегашната здравствена криза ни покажа што значи ваквата драстична разлика меѓу богатите и сиромашните. Затоа, бараме прогресивно оданочување и тоа поостро од она што е ставено во мирување. Второ наше клучно барање е да се зачува секое работно место. Недопустливо е да се носи мерка со која ќе се овозможи државна помош на фирми што отпуштаат работници. Гледаме дека газдите на фирмите збеснаа. Видовме дека постои плата од 200.000 евра месечно, видовме дека банкарите остваруваат годишен профит од 120 милиони евра. Мора да се застане на патот на ова што ни се случува – вели Ристески.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС во првомајскиот проглас вели дека Македонија стана единствен пример во регионот, а веројатно и пошироко, каде што местото и улогата на синдикатите што се регулирани со највисоки меѓународни документи (конвенции) како и со највисоки правни документи во нашата држава (Устав и Закон за работни односи) тотално не се почитуваат од Владата.

„Еден од проблемите што ескалира во последните неколку денови е прекинувањето на работните односи на илјадници работници, а Владата со нејаснотијата и хаосот што го прави со уредбите што ги носи, само придонесува овој проблем да се зголемува и да создава уште поголем страв кај сите работници во однос на нивниот економски и социјален статус“, напиша КСС во прогласот.

Помалите синдикати обично се револтирани што само ССМ, како репрезентативен синдикат, седнува на маса со Владата и со работодавачите. Но, во последно време може да се забележат заеднички документи потпишани од сите синдикати, па и од невладини организации кои се борат за работничките права. Последен пример беше завчерашната реакција по повод „олеснувањата“ на условите за добивање 14.500 денари по работник, како што кажа министерката за финансии Нина Ангеловска. Со потписи од повеќе синдикати и здруженија, тие се обратија до Владата со, како што напишаа, остра осуда на оваа најава. Владата пак, вчера попладне ги викна синдикатите на разговор.

SP

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.