Пуштен во употреба објектот Пепелашка на градинката „Р.Ј. Корчагин“ во Општина Центар

2315

Општина Центар заврши со комплетната реконструкција на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект Пепелашка.

Денес, градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, директорката на ЈУДГ „Р.Ј. Корчагин“, Лидија Поповска и претставници на Советот на Општина Центар, го пуштија во употреба реконструираниот објект.

Преку проектната единица на Министерство за финансии и МСИП проектот, финансиран преку Светска банка, Општина центар успешно го реализираше проектот за целосна реконструкција и опремување на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект Пепелашка.

Овој проект се реализираше во две фази, под-заем средства во висина од 562.527 евра, и неповратни грант средства за успешно реализиран под-заем, во висина од 45.760 евра, а општината учествуваше со околу 8.000.000 денари, средства од буџетот.

„Преку реализацијата на овој проект – Реконструкција и опремување на детска градинка Корчагин – клон Пепелашка, целосно е реконструиран целиот објект на оваа градинка, со површина од 894 м2, а директна корист имаат 115 деца кои што го посетуваат воспитно-образовниот процес во оваа јавна установа. Темелната реконструкција, прва од ваков тип по 65 години, опфаќа поставување на целосна нова електрична и водоводна инсталација со еколошки цевки, изработени по сите европски стандарди и поставување на енергетски ефикасна фасада на надворешниот дел од градинката, која нема да го наруши изгледот на објектот и ќе ја зачува неговата автентичност“, изјави градоначалникот Богдановиќ.

Со зафатот опфатени се и тоалетите, кои комплетно се обновуваат, а ќе се постави и таканаречена „топла врска“, со што ќе се спојат објектот каде што престојуваат децата и салата за одржување на свечености, со што ќе се избегне студот во зимските денови.

„Вложувањето во квалитетно претшколско образование, во детските градинки, центрите за ран детски развој, претставува приоритет на нашата Влада, нешто што го покажавме изминатиот период, преку реконструкција и отворање на 43 објекти за сместување на децата. Ако создадете квалитетни и здрави личности, кои понатаму ќе стартуваат во образовниот процес, вие гарантирате квалитетна иднина на државата. До крајот на нашиот мандат 7500 деца треба да бидат сместени во детски градинки , и со тоа би го зголемиле опфатот на деца во претшколско образование на 60 отсто“, изјави министерката за труд и социјална политика, Шахпаска.

Инаку, објектот во кој се наоѓа градинката е еврејска куќа, изградена во далечната 1892-ра година, важи за една од најстарите градинки во Центар и е подарок од сопствениците, кој може да се користи исклучиво за детска градинка.