Љубовните врски се вистинска наука. Американскиот психолог Џон Готман ги проучувал врските околку 40 години и открил дека постојат четири однесувања, кои тој ги нарекува „Четирите јавачи на апокалипсата“, кои најчесто предвидуваат прекин на бракот.
Непочитување
Еден од партнерите постојано го исмејува другиот, без разлика дали се во друштво или сами. Постојано дава прекари, со цел да навреди и не го цени мислењето на другиот. Едноставно покажува дека нема почит кон партнерот и дека повеќе не го смета за толку важен.
Критикување
Еден од партнерите постојано се чувствува нервозен и лут поради грешките коишто ги прави другиот. Понекогаш дури се навраќа и на работи кои се случиле во минатото. Покрај тоа, не ја критикува грешката туку карактерот на партнерот, кажува зборови кои навистина можат да навредат, а особено реченицата „Ти секогаш правиш сѐ погрешно!“.
Одбранбено однесување
Мажот или жената сметаат дека нешто направиле погрешно и наместо да се извинат и да ја прифатат вината, тие сакаат да ги избегнат критикувањата од страна на другиот и веднаш завземаат одбранбено однесување со доза на агресивност. Најчесто се служат со речениците „Всушност не требаше да го направам тоа!“, „Не е моја вина“ и слично. Како резултат, другиот партнер одговара отсечно и сѐ завршува со караница.
Одбегнуваат конфликт
Поголемиот дел од луѓето кога ќе почувствуваат дека разговорот води кон кавга, се трудат да одговорат кратко и брзо и да го избегнат расправањето. Односно, се трудат да го игнорираат партнерот на секој можен начин, наместо да разговараат и да го решат проблемот.
Доколку забележувате дека во вашиот брак овие однесувања се чести, тогаш е време да превземете нешто за да ја обновите врската. Многу е битно во секоја ситуација да се однесувате посмирено, да имате разбирање за партнерот, почесто да му кажувате како се чувствувате и да ја обновите близината.
Трудете се да се ставате на место на партнерот и подобро да ги разберете неговите постапки. Разговарајте за работите искрено, отворено и без повишување на тонот. Потсетете се на убавите моменти поминати заедно и обновете ја љубовта.