Проциркулира, па исчезна пријавата за несовесни граѓани кои не се изолираат по пат во странство

116

Анонимни интернет корисници направија пријава, односно формулар за пријавување на несовесните граѓани што не ја почитуваат мерката на владата за самоизолација по патување во земји од висок и среден ризик од коронавирус.

Формуларот, кој денеска почна да се споделува на социјалните мрежи, содржеше полиња во кои се внесува името, презимето и институцијата во која работи лицето што не се придржува до наредбата за самоизолација, како и местото на живеење.

Имаше и поле за подетален опис на сознанијата до кои доаѓаат граѓаните за нивни соседи, колеги од работа или познаници, кои патувале во странство, но не сакаат да седат дома како што наложува мерката чија цел е да се стави рампа на патот на движење на вирусот преку самоизолација.

Како што вчера изјави министерот за здравство Венко Филипче, сосема е можно, како во Италија, така и во Македонија да има граѓани кои се преносители на вирусот без тоа да го знаат бидејќи во првата фаза вирусот е асимптоматски односно лицето што го има не чувствува никакви симптоми.

Сепак, пријавата наскоро стана недостапна за јавноста и не е познат нејзиниот креатор, ниту пак причината поради која е повлечена.

slobodenpecat.mk