Конфликтите околу историјата и историските симболи повторно се важна политичка тема во Југоисточна Европа.
Во последните месеци, владата на Бугарија се закани дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација е создадена од Тито и Коминтерна.
Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Ние сметаме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и на самата Европска унија. Наметнувањето на „историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други народи, а правото на самоопределување е основно човеково право.
Затоа бараме историчарите во Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите на својата дисциплина. Бараме од политичарите да водат одговорна политика, да не поддржуваат историчари што ги разгоруваат националистичките конфликти и да не вршат притисоци што доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и од државите бараме да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија што се загрозени на овие денови Балканот и во Европа, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа не смееме да дозволиме искривувањата на историјата да ги уништат принципите врз кои се темели идејата за обединета Европа.
Ние, потписниците на ова писмо, им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Македонија и Бугарија кои отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професија и професионалните стандарди. Само солидарни можеме да ги надминеме сериозните пречки што стојат пред нас!
18 ноември 2020 година
Проф. Д-р Дубравка Стојановиќ, Универзитет во Белград Проф. Д-р Хусија Камберовиќ, Универзитет во Сараево Проф. Д-р Твртко Јаковина, Универзитет во Загреб Проф. Д-р Бошо Репе, Универзитет во Љубљана Доц. Д-р Аднан Прекиќ, Универзитет во Црна Гора Д-р Сњежана Корен, Универзитет во Загреб Д-р Миливој Бешлин, Универзитет во Белград Проф. Д-р Дамир Агичиќ, Универзитет во Загреб Доц. Д-р Бранимир Јанковиќ, Универзитет во Загреб Проф. Д-р Момир Самарџиќ, Универзитет во Нови Сад Д-р Олга Манојловиќ Пинтар, Институт за неодамнешна историја на Србија, Белград Проф. Д-р Хрвоје Класиќ, Универзитет во Загреб Проф. Д-р Радина Вучетиќ, Универзитет во Белград Д-р Срѓан Милошевиќ, историчар, Белград Д-р Александар Р. Милетиќ, историчар, Институт за неодамнешна историја на Србија, Центар за историски студии и дијалог, Белград Вељко Станиќ, историчар, Белград Петар Жарковиќ, историчар, Белград