“Во љубовта одамна престанав да верувам. Сега оние кои го сакаат моето тело плаќаат за тоа. Отапев, времето со непознати мажи носи пари што нѝ се потребни”, се доверува една самохрана мајка која од општеството не очекува помош за своето дете со пречки во развојот.
Знаејќи дека во Хрватска постојат повеќе од половина милион лица со посебни потреби и деца со пречки во развојот, неверојатна е рамнодушноста на константното попречување на правата на оваа популација. Навистина е чуден ставот на голем број организации и здруженија кои мирно ги прифаќаат новите информации од кои ми се ежи кожата. Што да се каже за новите правила за ортопедски помагала, како и укинувањето на статусот мајка негувателка, која родителите ги става во позиција да ги исклучат децата од училишните институции со цел да се оствари тој приход.
Кога станува збор за индиферентност, исклучок се родителите на децата со потешкотии во развојот и групата на Фејсбук “Ајде да им помогнеме на децата со инвалидитет.” Жално е што, како што велат членовите на Фејсбук групата, многу родители не сакаат да учествуваат во нивните протести од страв од не ги изгубат приходите кои ги остваруваат, а целта е во крајна линија да се обезбеди пристоен живот за децата со посебни потреби, кои станаа немоќни учесници на една комплексна, но нефер игра.
Несебичната жртва на една мајка
Мајките кои живеат за своите деца, подготвени се на сѐ. Само првиот момент останав запрепастена, слушајќи ја приказната на мајката на девојчето кое има сериозен хендикеп и секогаш ќе биде зависна од помошта на другите лица.
“Статусот на мајката негувателка не може да ги покрие нашите трошоци за сместување, храна, повремено треба да плаќам една жена, која ќе се осмели да биде сама со моето мало девојче”, раскажува ова мајка која од разбирливи причини ќе остане неименувана.
“Не можам да се вработам, цело време го минувам со неа, освен оние неколку часа кои нѝ ги носат дополнителните приходи. Мажот исчезна многу брзо по раѓањето и дијагнозата на лекарите кои предложиле дом во кој би го сместиле нашето бебе. Како што ми рекоа, секогаш ќе живее во свој свет и зошто да си го уништувам животот, премногу сум млада. Сопругот веднаш се согласил, но јас не можев.
Продолжува на страна 2
Таа е моето бебе, јас не сум совршена мајка, ја сакам, не можам да ви опишам колку и она што го правам е мојот единствен избор. Само јас ги согледувам реакциите кај неа, само јас ја познавам кога е тивка, ги поднесувам нападите на гневот. Ретко излегуваме, луѓето не ја сакаат нашата близина, во паркот мајките ги предупредуваат децата да не ни се приближуваат, мене и на мојот ангел. Јас не ги обвинувам, ја познавам потребата на мајката да го заштити своето дете.
Да, јас би можела да бидам наречена со многу имиња, во љубовта одамна престанав да верувам. Сега оние кои го сакаат моето тело плаќаат за тоа. Го отапев времето со непознати мажи кои ми носат пари кои нѝ се потребни. Само чекам да се вратам во нашиот дом и се плашам да не се пробуди и да нема напад на паника додека сум отсутна”, стравува пожртвуваната мајка.
За мене, оваа жена е дама, Дама со камелии во земјата со која владеат грст бедници. И кој ќе се осмели да ѝ суди? Ова е реалноста во која таа живее.
Кога сте ја изгубиле самодовербата?
Со секоја нова вистинска животна приказна од оние кои занемарувањето ги избрка во темнината од која нема бегање, мојот отпор кон оваа земја расте. Во исто време се прашувам каде сте сите вие што можете, но сепак молчите. Не сакате да се мешате во ништо, како тоа да нѐ ве засега.
Ги плаќате членарините во организациите кои многу често ги покриваат личните потреби на мал круг од членовите, се плашите да проговорите, гледате во претседателите на здруженијата и сојузите како на богови кои го создале својот свет и се чувствуваат моќни, додека вие преживувате и уште се срамите кога немате ниту за членарина. На кого и за што плаќате? Кога сте ја изгубиле самодовербата?
Дали некогаш ќе се разбудите и ќе сфатите дека сѐ уште имате сила да ги изразите своите мислења, да изберете она што е најдобро за вас, да се обидете да предизвикате позитивни промени. Која тага ме обзема кога гледам дека меѓу вас има голем број на образовани, интелигентни, едноставни, човечки, емоционални и прекрасни личности способни да живеат еден нормален живот.
Но во оковите од страв стоите секогаш на истото место, се плашите да барате и она што уште можете да го постигнете по законот на оваа мизерна држава.
Продолжува на страна 3
“Да се осмелиш – тоа е цената на напредокот”, Виктор Иго
Психолог Вилијам Џејмс во дамнешната 1890-тата година ја предложи формулата со која се одредува нивото на самодоверба на една личност. Самопочитувањето се однесува на нашето уверување дека имаме право да бидеме среќни и дека заслужуваме достигнување, успех, пријателство, љубов и исполнување. Размислете за тоа.
Ниту кислородот за децата не е бесплатен
Не сум арогантна, кога изјавувам дека сум презаситена од овие поделби на лицата со хендикеп и нехендикепираните. Уморна сум од поделбата на здрави и болни деца. Уморна сум од состаноци, комитети, тркалезни маси, јавни форуми на кои некој кој не го знае ниту малиот дел од мојот секојдневен живот ми дели совети, објаснувајќи ми која сум и што можам, донесува одлуки колку катетери и пелени ќе потрошам на ден како ќе живеам, затоа што за нив сум различна.
Јас не се чувствувам послаба и ми се гади од тој голем број на луѓе кои го обезбедиле сопствениот опстанок, благодарение на различните функции и комитети кои постојат за да нѐ заштитат. Вие, кои не знаете што е животот со инвалидитет! Каква иронија! Ние ве заштитуваме вас и вие живеете на наша сметка. Ја потпишавте Конвенцијата на ОН, која не ја применувате, ја истакнувате транспарентноста на својата работа, а ние кои треба да бидеме еднакви во сите области на животот секој ден се враќаме во минатото.
Сѐ додека во Загреб, кој е совршен во споредба со другите градови, села и места, при секое излегување мора да молам за помош, бидејќи сте се обврзале на посветеност и пристапност, кои се реализираат како и сè друго само на хартија. Додека мајките на децата со посебни потреби го плаќаат кислородот за своето дете, додека во новиот правилник стои дека на детето му е доволен нов пар на чевли секои две години.
До тогаш, не е изненадувачки за мене дека тешко или воопшто не давате изјави и она мислење за кое сите знаеме дека се куп лаги и единственото нешто што е важно за вас е времето кое поминува во положбата која сте ја обезбедиле на луѓето со посебни потреби. Нема поента во наведувањето на министерството и на министерот кои со насмевка одговара на прашања кога нејзе ѝ одговараат и ја заобиколува вистината. Крајно време е лицата со попреченост да учествуваат во поголем број во создавањето на законите и прописите.
Божица Равлиќ