Пред да се стопи снегот | Како Инуитите се борат да ја зачуваат својата култура и традиција

1371
Оваа стара жена, Тагунак Квававаук, ги учи децата на една училишна екскурзија како да прават леб од банок. Древните знаење за преживување во оваа ледена земја исчезнуваат со старите луѓе. Многумина се решени да ја пренесат традицијата на помладите, особено на децата чии семејства повеќе не одат на лов и кампување. Знаењето како да се преживее со оскудни ресурси е клучно за преживување во време кога несигурноста на храната и неухранетоста се сѐ поголем проблем во заедниците на Инуитите.

Како што мразот на канадскиот Арктик станува сè потенок, Инуитите користат излети со кампување, за да ги научат своите деца како да преживеат во дивината – и да ја зачуваат својата култура.

Кога ќе се стопи морскиот мраз, солта тоне во длабочините, а на површината останува свежа вода за пиење. На фотографијата е Шарлот Накитаквик како зема вода со лонче во ловечкиот логор на нејзиното семејство во Нувукутаак, во близина на селото Арктички залив во северна Канада.

На пролет, кога животните мигрираат на север и сонцето никогаш не заоѓа, Инуитите ги носат своите деца на неколкунеделни кампови на канадскиот Арктик. По тој повод, тие се учат на ловечки вештини и културни вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација повеќе од 5.000 години.

Во последните три децении се стопиле дури 95 проценти од повеќегодишниот мраз, што е најгустиот (и најстариот) вид мраз, на кој почива целиот арктички морски екосистем. Постарите Инуити веќе не може да предвидуваат безбедни патишта на разреден мраз, а се менуваат и моделите на миграција на животните. Иднината на мразот – а со тоа и на оние што живеат на него – е целосно неизвесна.

Ловот на фоки е многу важен дел од животот на Инуитите. Кожата, како што е оваа од неодамнешниот улов, ќе се користи за производство на облека. Пренесувањето на знаење од лов и подготовка на храна им помага на ескимските заедници да преживеат климатски промени.
Пукнатина во морскиот мраз бара голема претпазливост кога се преминува, исто како што тоа го прави Олајук Накитарвик, додека на камутик санки го влече својот внук и сите потребни намирници за кампување. И неговата сопруга Марта, иако болна и слаба, беше упорна и таа да тргне за да им пренесе на идните генерации што е можно поголемо знаење за преживување во дивината.
Облечена во парка сошиена од нејзината мајка, Ешли Хјуз го прослави десеттиот роденден на кампувањето со пријателите и семејството во заливот Икпикитуарџјук. Таа учествувала и на годишниот натпревар на Инуритите во риболов на езерска риба.
Секоја година, Дарси Енугу (36) и неговата сакана жена Сузан земаат слободни денови и ги носат своите деца во лов на фоки. Прстенастата фока има месо богато со витамини, сало кое добро гори и кожа од која може да се направи топла облека.

Пренесувањето на древните вештини за лов и преживување станува многу важно во време кога таквото знаење исчезнува. Целта на ваквите кампови е да се обезбеди опстанок на инуитските традиции дури и ако мразот исчезне.

Триесетгодишната Мари Накитарвик никој не ја учел на лов и кампување кога била мала. Почнала да учи дури кога се омажила за професионален ловец. Сега, секоја пролет заедно ловат со своите деца во земјата на своите предци.