„Повисоко од себеси“ | Изложба на Тони Шулајковски

713

На 19.10.2023 (четврток), со почеток во 20:00 часот, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Повисоко од себеси“ на академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски.

… „Најновата изложба на Тони Шулајковски насловена „Повисоко од себеси“, уште преку самиот наслов, суптилно нè воведува или, поточно, нè упатува во комплексен свет во кој насоката на неговото тридецениско спознание на ликовноста константно се движи кон повисоките духовни сфери.“… ќе напише Маја Чанкуловска-Михајловска во предговорот на каталогот за изложбата.

Ќе бидат поставени 25 дела-портрети на жени… „овие монументални портрети, претставени во крупен план, не ја базираат својата егзистенција само врз синонимот за идеалната восхитувачка женска убавина, туку истите, во сопствената реалност, произлезена од класичните естетски уметнички канони, се воедно сместени во имагинарни метафизички пространства… Всушност, поетичноста и лирскиот набој со кој се обземени ликовите, просторот и севкупно, атмосферата во неговите дела, го позиционира авторот повеќе на прагот на чудесното.“…вели Маја Чанкуловска-Михајловска-историчарка на уметноста од Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје.

Посетителите ќе може да ја посетат изложбата до 5.11.2023 година.

м-р Тони Шулајковски – академски сликар и ликовен педагог

Роден е 1969 година во Скопје
*Дипломирал на факултетот за Ликовни уметности – Скопје, Педагошки оддел
насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година.
*Член е на ДЛУМ од 1993 година.
*Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001-2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“.
*Постдипломски студии – насока сликарскто завршил на ФЛУ во класата на
проф. Родољуб Анастасов во 2002 година
*Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“ што го основа со Дијана Петкова – проект менаџерка.

Реализирал 55 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби.

Награди:

* 2016 – Награда за сликарство – ДЛУМ
* 2013 – Награда – „Сликар на годината 2012“ Остен – Светска галерија на цртеж
* 2008 – Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“
* 1992 – Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје

Ликовен перформанс:

2013 – „ВИДИ МУЗИКА, СЛУШНИ СЛИКА, ДОБИЈ КНИГА“ – Градски парк – Скопје
2010 – „Трансцеденција“ – Културно лето – општина Карпош

Магичниот реализам на Тони Шулајковски

Најновата изложба на Тони Шулајковски насловена „Повисоко од себеси“ уште преку самиот наслов суптилно нè воведува или, поточно, нè упатува, во комплексен свет во кој насоката на неговото тридецениско спознание на ликовноста константно се движи кон повисоките духовни сфери. Формалното претставување на речиси триесетина дела од овој циклус би започнало со експликација во однос на претставениот мотив на женски портрети, како и времето на нивното создавање, од 2020 година наваму.

Визуелната колористичка експресија со која нè обземаат женските портрети логично се надоврзува на сите досегашни истражувања и дефинирања на ликовниот јазик на Тони Шулајковски, во кои се вметнати повеќегодишни сознанија за индивидуалноста и универзалноста во доменот на ликовноста, реалното и имагинарното, секако во релација со свесното ̶ несвесното на личноста. Мноштвото дискурси на неговото творештво се движат помеѓу две дијаметрално спротивни крајности за постигнување хармонија помеѓу рациото и спиритуалноста во атмосфера исполнета со различни композициски, идејни и ликовни компоненти и соодноси на симболични предмети и мотиви, при што просторот е решен со преклопување на повеќе планови на сликата.

Затоа се чини како логичен след импресијата дека овие монументални портрети, претставени во крупен план, не ја базираат својата егзистенција само врз синонимот за идеалната восхитувачка женска убавина, туку истите, во сопствената реалност, произлезена од класичните естетски уметнички канони, се воедно сместени во имагинарни метафизички пространства. Надреалниот простор во кој лебдат портретите на реални и замислени жени е флуидно бескраен хоризонт што се подига на различна длабочина на сликата, сугерирајќи поставеност во предели со магични, поетски и психолошки симболи што рефлектираат сфери на потсвеста. Всушност, поетичноста и лирскиот набој со кој се обезмени ликовите, просторот и севкупно атмосферата во неговите дела, го позиционира авторот повеќе на прагот на чудесното.

Колоритот е воспеан од фантазијата и низ процесот на творечката осмоза се трансформира во експресивен поетски хроматизам со јак интензитет и енергија на богато колористички разиграниот универзум. Основно ладно обоениот амбиент, со мноштво валери и широка гама на сини тонови делува етеричен, возбуден со изблици на контрастни топли бои, при што авторот постигнува звучност на магичен поетски реализам со метафизичка интонација. Од друга страна, пак, низ линеарните структури изведени во повеќе планови лебдат различни форми, настојувајќи да допрат до скриената смисла на малите и далечни нешта. Секоја линија, цртичка има своја улога во градењето на симболичната сценографија што со својата сонливост ги подотвора вратите на едно надреално чувствување на лирскиот медитативен простор со присутноста на карактеристичната женствена сензибилност. На извесен начин овие дескриптивни и наративни портрети, сместени во енигматична сценографија, доловувајќи го сето она што може да го сугерира како емоција и бришејќи ги границите на времињата и световите, нè упатува кон вечните онтолошки категории.

Специфичниот авторски пристап во преклопувањето на фигурата со геометризираните површини, линеарните структури и боите, што мошне умешно ги претопува и аплицира една врз друга, е одраз на своевиден ликовен сензибилитет, заснован врз желбата за менување на постојаната слика на светот, како и врз потрагата по нови, измислени светови, истовремено, вложувајќи и свој удел во давањето на видлив и траен облик на вечните соништа на човештвото. Асоцијативноста во сложните покрупни и поситни фрагменти на фигуративни, надреално-симболични или асоцијативни решенија на Тони Шулајковски упатува на постојаниот растечки стремеж и истражувања кон поинаквото доживување на реалноста и за откривање на метафизичката страна на светот.

Маја Чанкуловска-Михајловска