Поставување сообраќајна сигнализација за еднонасочен сообраќај во Општина Центар

364

Во согласност со основниот сообраќаен проект за урбаната четврт Парк и добиеното решение за измена на постојаниот траен режим за сообраќај, Општина Центар започнува со поставување сообраќајна сигнализација за воведување еднонасочен режим во овој дел на градот.

Во интерес на зголемување на безбедноста и подобрување на проточноста на дел од улиците во урбаната четврт – Парк во Општина Центар, денеска се започнати активностите за поставување сообраќајната сигнализација за воведување еднонасочен режим на улицата „Ристо Шишков. Во наредните денови ќе продолжат градежните активности за воспоставување еднонасочен сообраќаен режим и на улиците: „8 Март“, „Руса Плевева“, „Јордан Хаџи Константин Џинот“, „Кукушка“ и „Благоја Страчков“.

Поставувањето нова сообраќајна сигнализација ќе овозможи намалување на сообраќајот и протокот на возила, како и зголемена безбедност за пешаците, велосипедистите и подобрување на начинот на живот на жителите во овој дел од градот.

Апелираме до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат новопоставениот сообраќаен режим на урбаната четврт – Парк, а граѓаните секојдневно ќе бидат информирани за новите сообраќајни измени.