Угледниот Политико објави коментар во кој повикува на радикална реформа на НАТО алијансата.
На самитот на НАТО овој четврток во Мадрид, кој лидерите на западните земји го прогласија за историски, а генералниот секретар Јенс Столтенберг средбата ја нарече трансформативна и далекусежна, предвидувајќи дека донесените одлуки „ќе осигураат дека Алијансата ќе го зачува мирот, спречува конфликти и ги штити нашите граѓани и нашите вредности“, пишува Политико во текстот со наслов „За да се спаси НАТО, треба да се уништи“.
Меѓутоа, зад таа идила на меѓусебно тапкање по рамениците и пофалби, можеше да се види, како што оценуваат во Политико, дека единството на сојузот може да биде долго километар, но длабоко само еден сантиметар и дека колективното чувство за значењето на Постоењето на НАТО варира помеѓу 30-те земји-членки.
Фактот што лидерите ја прогласија Русија, која ѝ се закануваше на Европа барем од 2007 година, за „најзначајна и директна закана“ за безбедноста, мирот и стабилноста на евроатлантскиот регион, повеќе е акцент на очигледното отколку индикација на голема стратегија, според Политико.
Уцената на Ердоган
Привлекувањето на Шведска и Финска кон Алијансата, која Столтенберг ја прогласи за достигнување, е повеќе резултат на нешто што пристојно може да се нарече уцена од страна на Реџеп Ердоган отколку на дипломатија на високо ниво чија цел е меѓусебно да си помагаат во одбрана, пишува во Политико, наведувајќи дека турскиот претседател тие две земји ги држел како „заложници“ за да го добие она што го сака од САД, новите авиони Ф-16.
Ваквите „махинации и зделки под маса“ го тераат НАТО да делува повеќе како заштитен рекет отколку заедница која ги дели истите вредности, пишува Политико, прашувајќи дали воопшто може да се смета на Турција дека ќе ја испрати својата војска во случај на руска инвазија на балтичките земји. Нивниот одговор е – тешко.
Во Политико наведуваат дека членството на Ердоган и Виктор Орбан во Алијансата не само што ги поткопува тврдењата на НАТО дека е заедница која ги дели либералните вредности, туку и ги исмева и не се единствените кои го поткопуваат легитимитетот на НАТО.
До руската инвазија на Украина на 24 февруари, Франција и Германија сè уште фантазирале за „стратешка автономија“, односно ослободување од американското влијание и преземање на загриженоста на Европејците за сопствената безбедност. Како што пишуваат во Политико, само неколку недели пред инвазијата, истакнати германски политичари, меѓу кои и министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, побарале САД да ги повлечат сите нуклеарни боеви глави од германска територија.
Нападот на Украина предизвика германските политичари, кои со години ги игнорирале апелите на Вашингтон да престанат да ја хранат германската армија и да почнат да придонесуваат за воениот сојуз, преку ноќ да станат големи поддржувачи на НАТО. Оваа нова посветеност на НАТО, оценува Политико, е резултат на страв, а не на убедување, а лепилото што ја врзува Алијансата не е единство на визијата, туку инстинкт на членките да се кријат под американскиот нуклеарен штит. Ова не е доволно за да се задржи Алијансата заедно, особено што Вашингтон почнува да се сомнева дека другите членки сакаат да им ја препуштат најтешката работа.
НАТО мора да се отрезни
Реакцијата на руската инвазија на Украина, која е најголемата закана за слободниот свет од Втората светска војна, не е единствена меѓу земјите членки на НАТО, додека некои, како Полска, балтичките земји, САД и Велика Британија, беа многу дарежливи со воена помош и поддршка, други не се ни приближно посветени на вооружувањето на украинската армија. Добар дел од европската јавност е поделен околу тоа колку далеку да се оди во спротивставувањето на Владимир Путин, делумно затоа што нивните влади не се договорени за степенот на закана за целиот континент од страна на Русија.
Ако Украина продолжи да губи територии и човечки животи затоа што нема одбранбени ресурси, оценува Политико, вината ќе ја има НАТО.
САД трошат 3,5 отсто од својот БДП за одбрана, повеќе од двојно повеќе од некои членки на НАТО, а по теророт на претседателот Доналд Трамп, кој се закани дека ќе се повлече од Алијансата, неговиот наследник Џо Бајден го смени курсот и сега најавува поголема Американско воено присуство во Европа. Но, како што пишуваат во Политико, нема гаранција дека некој иден претседател на САД би можел да продолжи со политиката на Бајден кон Алијансата.
Тоа не значи дека САД ќе се повлечат од НАТО, оценува „Политико“, но поради сопствените проблеми со Кина може да значи дека помалку ќе бидат загрижени за состојбите во Европа. Затоа, како што предлага Политико, НАТО треба да спроведе радикална реформа, да престане да се потпира исклучиво на САД и да ги исфрли земјите членки на Алијансата кои не ги почитуваат основните демократски норми. Исто така, земјите-членки кои не вложуваат доволно во сопствената одбрана, треба да се насочат да бараат безбедносни гаранции на друго место, надвор од Алијансата.
„Во воените кругови тактиката на уништување град за да се спаси е контроверзна. Во случајот со НАТО, нема друга опција“, заклучува „Политико“.