IN MEMORIAM

Почина Тихомир Јанчовски – поет, писател, преведувач, професор, музичар …

By kukuriku

January 30, 2026

Со длабоко жалење и со огромна тага известуваме за прераното заминување на нашиот драг Тихомир Јанчовски: поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).

Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.

Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

За точниот датум и час за испраќање последен поздрав на Тихо ќе следи дополнително известување. Нека му е вечен споменот!

Друштво на писателите на Македонија