Во Скопје на 70 години по 6-годишна битка со ракот почина актерот Гоце Влахов, член на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ).
Влахов беше студент на првата генерација актери на Факултетот за драмска уметност (ФДУ) во Скопје во 1971, заедно со Перо Арсовски, Мајда Тушар, Снежана Киселички, Соња Каранџуловска, Ѓорги Колозов, Кирил Псалтиров.
Од 1980 до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар, иако на оваа сцена игра бројни улоги од 1972.
„Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење“, велат од МНТ.
Првата улога во МНТ му беше во 1972 во „Крал Лир“, а следуваат „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Играл и во „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010).
Погребот ќе се одржи на 30 јули во 11 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.