“ПАКОМАК” – ОПШТИНА КАРПОШ | ЕКО МОЛИВИ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА

64

По повод почетокот на новата учебна година, во ООУ „ Аврам Писевски“, во населбата Бардовци, Друштвото за пакување и управување со отпад „Пакомак“, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање им додели „Еко моливи“ на првоодделенците од ова училиште.

На настанот, присутни беа министерот за образование и наука Арбр Адеми, заменик- министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев. Со овие т.н „ еко моливи“, кои откако ќе бидат искористени, потоа останува семе во нив, кое ученикот ќе го засади во училишниот двор и ќе го одгледува соодветното растение.

Целта е да се подигне свесноста за заштита на животната средина и околина, односно на најмалите карпошани, уште од најрана возраст да им се всади свест и одговорност за грижа на животната средина. Како што нагласи и првиот човек на Карпош, еден од главните приоритети на Општината е зачувување на животната средина и околина.

-Морам да нагласам дека постојано работиме на унапредување на заштитата на животната околина. Се грижиме за хигиената во Општината, зазеленуваме парковски површини и ги облагородуваме дворовите на основните училишта и детските градинки кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа. Со нашите училишта имаме одлична соработка во селекцијата на отпадот, и токму овој денешен настан има за цел , на нашите најмали и најмили карпошани од првата училишна возраст да им ги всади здравите навики, за заштита и чување на природата и околината, нагласи Богоев.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, потенцираше дека локалната самоуправа постојано вложува во инфраструктурните услови во училиштата и градинките, и му претставува задоволство што токму ова училиште во Карпош е пионер во селекцијата и собирањето на отпадот.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање , нагласи дека преку оваа акција ќе бидат поделени 10.000 моливи на првоодделенците,и дека после акцијата во „ Аврам Писевски“, ќе следат акции и во други училишта низ државата.

Министерот за образование и наука Арбр Адеми, ја истакна важноста од раната едукација и воспитание на учениците за заштита на животната средина, и го потенцираше училиштето „Аврам Писевски“, како одличен пример за управување со пластичниот отпад, и како преку тој начин се учат учениците на одговорност кон природата.