Синоќа НАСА ја откри првата фотографија во боја направена од вселенскиот телескоп James Webb, опишувајќи ја како „најдлабоката и најостра инфрацрвена слика од далечната вселена досега“.
Фотографијата прикажува група галаксии наречени SMACS 0723 какви што биле пред 4,6 милијарди години, објави американската вселенска агенција.
Денес, НАСА претставува нови фотографии и откритија на James Webb. Фотографиите ви ги претставуваме во продолжение, почнувајќи од фотографијата на мноштво галаксии која беше објавена синоќа.
Бајден ја објави првата фотографија
Американскиот претседател Џо Бајден објави фотографија, прва во низата, во Белата куќа со потпретседателката Камала Харис.
Избрани се од претставници на различни вселенски агенции вклучени во проектот.
Таканаречената Голема маглина (Carina Nebula), еден вид гасен облак на околу 7.600 светлосни години од Земјата и WASP-96 b, џиновска гасна планета надвор од Сончевиот систем, се меѓу космичките објекти што можат да се видат на фотографиите, соопшти НАСА.
Телескопот чинел 10 милијарди долари
Со објавата на фотографиите се означува почеток на научната работа со Webb, најголемиот и најмоќниот телескоп лансиран во вселената. Телескопот James Webb беше лансиран на 25 декември со ракета Аријан од вселенскиот центар Куру на Европската вселенска агенција во Француска Гвајана.
Научниците се надеваат дека фотографиите од телескопот ќе дадат увид во периодот веднаш по Големата експлозија, пред околу 13,8 милијарди години. Развојот на Webb траел околу 30 години и чинел околу 10 милијарди долари. Тој е наследник на телескопот Hubble, кој се користи повеќе од 30 години.