Археолозите во југозападна Англија открија 5.000 години стара структура за која сметаат дека можеби претставувала рана верзија или прототип на прочуениот Стоунхенџ.
Истражувачите откриле два масивни дрвени столба, поставени на растојание од околу 120 метри, чија ориентација се совпаѓа со изгрејсонцето на летната краткоденица и зајдисонцето на зимската краткоденица – истата астрономска поставеност што подоцна ќе биде применета кај камените блокови на Стоунхенџ.
Откритие од истата епоха како првите фази на Стоунхенџ
Тимот предводен од археологот Фил Хардинг, користејќи радиојаглеродно датирање, утврдил дека столбовите биле поставени пред околу 5.000 години.
Тоа се совпаѓа со периодот кога биле создадени најраните земјени структури на Стоунхенџ, додека монументалните камени блокови биле подигнати околу пет века подоцна.
„Сонцето имало огромно значење за праисториските заедници, а тие биле способни со голема прецизност да го следат изгрејсонцето во средината на летото“, изјави Хардинг.
Тој додаде дека ова е едно од најзначајните откритија во неговата кариера, особено поради неговата голема старост.
Локацијата се наоѓа на само неколку километри од Стоунхенџ
Остатоците од структурата биле пронајдени во Булфорд, во грофовијата Вилтшир, на околу пет километри од Стоунхенџ.
Археологот Фабио Силва изработил реконструкција на древното небо и хоризонтот, потврдувајќи дека дрвените столбови биле внимателно усогласени со краткодениците.
„Ова откритие ни помага да го сфатиме Стоунхенџ не како изолирана појава, туку како дел од многу подолга традиција што ја поврзува човековата заедница со земјата и небото“, истакна Силва.
Пронајден и редок нож во форма на сончев диск
Покрај остатоците од конструкцијата, археолозите откриле грнчарија, животински коски, јаглен и обработен кремен, што укажува дека местото служело за собирање и ритуални обреди поврзани со краткодениците.
Меѓу највредните наоди е и исклучително редок нож во форма на диск. Според истражувачите, можно е тој намерно да бил оставен како симболична претстава на сонцето.
Експерти: Откритието отвора нови прашања
Сузан Грини, предавач по археологија на Универзитетот во Ексетер, која не учествувала во истражувањето, оцени дека откритието е исклучително интересно, иако сите научни детали сè уште не се објавени.
„Ова можно порамнување е дел од значајна неолитска населба во Булфорд. Тоа покажува колку бил важен источниот дел од пејзажот околу Стоунхенџ, каде што луѓето живееле и подигнувале споменици од другата страна на реката Ејвон“, изјави Грини.