ОПШТИНА ЦЕНТАР ГИ НАГРАДИ НАЈДОБРИТЕ УЧЕНИЦИ

240

Денес во Општина Центар се организираше традиционалниот настан „Награди за првенци на генерација“, а градоначалникот Саша Богдановиќ им ги додели наградите и пофалниците на најдобрите ученици од општинските основни училишта во Центар.

Наградата за првенци на генерација се доделува на еден ученик од секое основно училиште во Општина Центар што го завршува основното образование, согласно претходно утврдени критериуми за вреднување на постигнатите резултати на учениците.

Овие награди имаат цел да ги мотивираат учениците во натамошното образование, како и да се наградат за нивните постигнати државни и меѓународни успеси. Висината на наградата изнесува 15.000,00 денари за секој првенец.

„Задоволство ми е што денес лично им го честитам постигнатиот успех на нашите првенци од основните училишта во Центар и што изминативе девет години успешно ја претставуваа нашата општина со најдобри постигнати резултати на државни и на меѓународни натпревари. Голема благодарност и до воспитно-образовниот кадар што преку својата креативна работа создаде услови да ги мотивира учениците и преку разни активности да ги развива талентот и потенцијалот кај секое дете. Верувам дека оваа награда дополнително ќе ги стимулира учениците да продолжат да постигнуваат нови успеси и признанија во нивното натамошно образование“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

Оваа учебна година наградени се учениците: Михаела Аќимовска од ООУ „Гоце Делчев“, Искра Дамјановска од ООУ „Димитар Миладинов“, Теодора Симјановска од ООУ „Коле Неделковски“, Леа Караева од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, Матеја Милошевска од ООУ „Св.Кирил и Методиј“, Катја Тодоровска од ООУ „Кочо Рацин“ и Андреј Стојановски од ООУ „11 Октомври“.

Изминатиов период Општина Центар ги награди најдобрите одделенски и предметни наставници од основните училишта и најдобрите негувателки и воспитувачки, стручни соработници и технички персонал од општинските детски градинки во Центар.

(Скопје, 2.6.2021)