ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци” одбележува пет децении работа

144

Општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци” во Општина Центар денеска и утре го одбележува својот јубилеј – пет децении успешна работа.

Училиштето за јубилејот подготви дводневна програма во училишниот двор со приредба на учениците, настап и обраќање на гостите, а продолжува со забава со наставниците, учениците и нивните родители, но и поранешните ученици и пензионираните наставници.

Забавата ќе продолжи со настапи на Џон Илија Апелгрин, Гаро, Тони Китановски, „Бандикс”, поранешни ученици во училиштето и два млади бенда од ученици кои во моментот учат во училиштето. Свеченото одбележување на јубилејот продолжува и утре, за кога е закажана централната манифестација.

Во рамките на одбележувањето на 50-годишнината, општината издаде монографија на училиштето наречена „Pestalozzi”, на авторот Кочо В Костов, и е посветена на објектот во кој е сместено ова основно училиште.

– Овој објект се смета за невообичаен по многу нешта, првенствено по својата уметничка, поточно архитектонска вредност, но уште повеќе по фактот дека претставува иновација од областа на асеизмичката изградба. Истовремено, тој објект е многу повеќе од само училишна зграда, тој е симбол на квалитетно образование и воспитување, но и симбол на солидарноста и трајното поврзување на Швајцарија и Македонија, објаснува Костов.