Огромни острови од ѓубре пливаат по некои од реките на Балканот и ја загрозуваат животната средина, но и хидроелектраната „Вишеград“ на реката Дрина, пишува денеска американската агенција „Асошиејтед прес“, пренесува vijesti.me.
Пластични шишиња, ќеси, рѓосани буриња и друг вид на ѓубре може да се видат во Дрина во близина на Вишеград, на истокот на БиХ, наведува АП во текстот.
Агенцијата додава дека денеска е почнато со отстранување на отпадот кај хидроелектраната „Вишеград“ со цел да биде избегната евентуална штета. Долж течението на Дрина, нејзините притоки во Црна Гора, во БиХ и во Србија носат дополнителен отпад, откако надојдените води минаа низ депонии во таа област, пишува во текстот.
Агенцијата истакнува дека балканските држави се карактеризираат со лошо менаџирање на отпадот, па тони ѓубре редовно завршуваат во речните корита.
– Официјални лица изјавуваат дека од Дрина во близина на Вишеград секоја година се вадат меѓу 6.000 и 8.000 кубни метри отпад. Иако проблемот не е нов, БиХ, Црна Гора и Србија не сторија многу за негово решавање, а сите земји се на пат кон Европската Унија, забележува АП.
Американската агенција пренесува зборови на еколошката активистка од групата „Еко центар“, Дејан Фуртула дека проблемот со ѓубрето во Дрина ја загрозува и локалната заедница, бидејќи отпадот по вадење од реката се фрла на локалната депонија која честопати гори, па отровната течност се враќа назад во Дрина.
– Овде сите сме во опасност, целиот екосистем, вели Фуртула.
Агенцијата додава дека отпад од реката Лим направи сличен проблем во Потпечко Езеро во југозападна Србија.
По војните во 90-ите години од минатиот век, Балканот и натаму значително заостанува зад останатиот дел од Европа, и економски и по прашањето, се наведува во текстот на АП во кој се додада дека значителен проблем претставува и аерозагадувањето во најголем број на градови во регионот.