Си турив вино од домашна марка и решив да си прославам што на денешен, си родив другарка. Низ умов мешаница од честитки и спомени, секој период си носеше промени.
Но, еве, ова ми текна:
Еднаш се чувствував полетно и згодно и ти реков: – Бице, ќе те носам на Водно! Се зачуди како да ти се измешале мапите: – на Водно мамо ќе си ги изводенам чорапите!
Уживав дури те гледав како растеш и често те прашував: -Што ќе работиш кога ќе пораснеш? -Чистачка како тетка Маре, готвачка како тетка Милка, учителка како учителка Биле. -Зошто не сакаш пилот, мила? -Пилотот сече дрва со пила!
И кога потпорасна и ги научи професиите, ми рече: -Јас сакам да им помагам на другите, за славата и парите не сакам да слушам. За момент си реков: – Животе имаш ли ти душа!
Поминав со тебе уште еден пубертет. Од оваа гледна точка, не беше нешто најстрашно на свет. И кога ти нарачував денес торта со крем и со фил, ми текна – Што бидна со твојот таен инста профил? Тој период ни донесе промени, ти пораснаа крилата ‘ко на ластовичка и од ќерка ни стана кираџика. Па така, јас најчесто зборував за стварите, оние расфрланите, а тебе омилена тема ти беа интернетот, самостојноста и парите.
Сега, додуша, скромна си – немам збор, а и доволно самостојна и на се’ имаш одговор. Љубовна си и музиката ти е во душа. Луѓе, кога решава Бистра математика, пее, разлева, цела зграда ја слуша. Ја знаете “Oh, I just can’t wait to be eighteen” од “Кралот Лав”? Иако дочекавме, јас сеуште сум со непроменет став: Вечерва стануваш 18 годишна мома, сепак, Бистра, ВО 12.00 ДА СИ ДОМА!
И иако си родена на ист датум со Микеланџело, настрана уметноста, СРЕЌНО ПОЛНОЛЕТСТВО, ТЕ САКАМ ОДОВДЕ ДО ВЕЧНОСТА! ❤❤❤
Билјана Стојаноска