КУЛТНИ ЛИКОВИ

Очи | Ацо Шопов

By kukuriku

December 16, 2023

Песната Очи”, посветена на Народниот херој Вера Јоциќ, и е напишана во Белград, во 1945 година.

Првата верзија е објавена во списанието Нов ден, бр. 1−2, 1946, стр. 64−65, а веднаш потоа и во колективната збирка Песни, во која се застапени Блаже Конески, Славко Јаневски, Гого Ивановски и Лазо Каровски.

Првата збирка “Со наши раце” на Шопов се појавува песната “Очи” 1950 година. На српскохрватски јазик првпат е објавена во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.

Очи

Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни со згорени грла и свиени плеќи со тап бол се впија во очите ладни и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој и борците под нив ќе цветат и раснат, в студените утра ќе греат ко сонце и никогаш нема да стивнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село, кај борците беа во дрипава дреа, со пликови жешки на стапалки тешки, и смрштени чела – згасени, мразни ко нивните пушки укочени, празни, и нечујно, глуво, ко здушена река се точеше шепот од уво до уво: “Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека, а ние сме малку – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши – ти растресе снага и размолска тага, со луњени очи широки и волни ги расече в ноќта здивените молњи!– Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш – в смрзнатата вечер на пролетта рана, кај нашата младост и првата радост ја косеше луто куршумната слана, а ти чело збрчка, ко тигрица рипна и летна во ноќта крвава и црна, – со своите очи што ригаа пламен ги растопи часкум челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер… Јас нејќам да мислам што потаму стана! Сал помнам те изви крвавата рана, прошталниот шепот ти замрзна в усни, но гореа очи под веѓите густи!

Со нивниот пламен и со клетва света, на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши ти не беше веќе в редовите наши, но скипеа борци со одмазда жолчна, и видов! о видов – кога бојот почна развихреа сите со твојата сила – ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно на нивните потни, распалени лица…

Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, a секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце.

Ацо Шопов, “Со наши раце”, 1950

Прочитајте ја првата верзија на “Очи”.

„Очи” од Ацо Шопов, прва верзија објавена во Нов ден, 1-2, 1946

Очи (прва верзија)

Три дена на раци те носевме збрана, три дена – со тага на погледот срчен, и секоа капка од твоата рана ко крвава жар ми капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни со згорени грла и свиени плеќи со туп бол се впиа в твојте очите ладни и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој и борците под нив ќе цветат и раснат, в студените утра ќе греат ко солнце и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер, в планинското село, кај небото беше – не небо, а море, трепереше грозно ко моминско тело раздробено, модро и распнато горе, а борците беа во дрипава дреа, со пликови жешки на стапалки тешки, и смрштени чела – згасени, мразни ко нивните пушки укочени, празни, и нечујно, глуво, ко здушена река се точеше шепот од уво до уво: “Утре, друже, в зори, страшен бој не чека, а ние сме малку – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши – Ти растресе снага и размолска тага, и с луњени очи – широки и волни ги расече в ноќта здивените молњи! – Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш! – в смрзнатата вечер на пролетта рана, кај нашата младост нашта прва радост ја косеше луто куршумната слана, а ти чело збрчка, ко тигрица рипна и литна во ноќта крвава и црна, со твојте очи што ригаа пламен ко восок ги стопи челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер… Јас нејќам да мислам што потаму стана! Сал помнам те изви крвавата рана, прошталниот шепот ти замрзна в усти, но гореа очи под веѓите густи!

Со нивниот пламен и со клетва света, на заседа тргнав сред мојата чета.

А утрента кога зрив чела ни спраши ти не беше веќе в редовите наши, но скипеа борци со одмазда жолчна, и видов! о видов – кога бојот почна развихреа сите со твојата сила – ко елени брзи и леки ко птица.

А твоите очи се искреа гневно на нивните потни, распалени лица…

Три дена на раци те носевме збрана, Три дена – со тага на погледот срчен, и секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце.