O P I N I O I U R I S (СТРУЧНО ПРАВНО МИСЛЕЊЕ ПО ПОВОД РЕШЕНИЕТО НА УСТАВНИОТ СУД У.БР. 30/2014)

192

Некогаш страдавме од маaните, сега страдаме од законите – Блез Паскал (1623-1662)

„…меѓународните договори не можат да се менуваат со закон, произлегува дека тие хиерархиски стојат повисоко од домашните закони, но пониско од Уставот на Република Македонија.“ – Став искажан во Одговорите на прашалникот на Уставниот суд на РМ за XVI конгрес на Конференцијата на европските уставни судови од 2014 година, Скопје – септември 2013 година (стр.5)

Правна дерогираност и неважност на членот 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести како и членот 60 став 2 од Законот за основното образование

Тргнувајќи од ставот на Уставниот суд, на РМ за XVI конгрес на Конференцијата на европските уставни судови од 2014 година, Скопје – септември 2013 година (стр.5), од мислењето што ќе следи, недвосмислено може да се утврди дека во правото на Република С. Македонија, појдувајќи од членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 11 и членот 118 од Уставот, а директно применувајќи ги Меѓународните договори, членовите 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести како и членот 60 став 2 од Законот за основното образование, се неважечки, немаат правна валидност и не можат да се применуваат врз граѓаните на Република Македонија, а со тоа не е правно обврзувачко за пониските судови, односно управните органи во целина.

Самиот Уставен суд во решението број У.бр.139/2010 од 15.12.2010, има напишано „Поаѓајќи од член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, а имајќи го предвид значењето на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи не само како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, туку поради општите принципи на кои се потпира и ги промовира, Судот укажува дека интерпретацијата на релеватните уставни одредби треба да се потпира на тие општи правни принципи, содржани во Конвенцијата и интерпретирани во праксата на Судот за човекови права во Стразбур, што впрочем е веќе изразен став на Судот во одлуката У.бр.31/2006 од 1 ноември 2006 година и решението У.бр.28/2008 од 23 април 2008 година.“

Релевантни одредби од Уставот на РМ

Уставот на РМ член 8 став 1 алинеја 1,3 и 8 нагласува дека Темелни вредности, помеѓу другите, на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
Согласно член 9 став 2 од Уставот „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“. Правото на физичкиот интегритет во Уставот на РМ е инкорпориран во Член 11 став 1 од Уставот на РМ кој гласи „ изичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Член 12 став 1 говори дека „Слободата на човекот е неприкосновена“, а во таа смисла согласно член 54 став 1 „Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.“
Согласно член 25 од Уставот на РМ, “На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.“

Според член 44 од Уставот на РМ „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.“

Согласно член 118 од Уставот на РМ, „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.„

Релевантни Меѓународно-правни акти

Согласно членот 2 од Протоколот број 1 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи „Никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања.“

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во 1968 година по делата 1474/62, 1677/62, 1691/62, 1769/63, 1994/63, 2126/64 (1 EHRR 252) се има изјаснето декa правата заштитени согласно членот 2 од протоколот број 1 се:

1. Право на пристап до постоечките образовни институции во било кое време
2. Право на ефективно образование
3. Право на официјално признание на ученикот/студентот за успешното завршено образование

Членот 26 од Универзалната декларација за човекови права на ОН гласи „Секој има право на образование. Образованието е бесплатно, барем што се однесува до наставата во основните училишта и базичното образование. Наставата во основните училишта е обврзувачка. Стручната настава и наставата за занимања мора да биде дадена на располагање, а високообразовната настава мора на сите подеднакво да им биде дадена, во согласност со нивните способности. Образованието мора да биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и јакнење на почитувањето на човековите и основните права. Тоа треба да даде придонес кон разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите нации и сите расни и религиозни групи и да даде поддршка на активноста на Обединетите нации за зачувување на мирот. Родителите имаат примарно право на избор на видот на образованието што децата треба да го стекнат.“

Согласно Конвенцијата за правата на детето, член 28, кој гласи, „Државите членки му го признаваат правото на детето на образование и поради постепено, остварување на ова право врз основата на еднакви можност, посебно: a) Го прогласуваат основното образование за задолжително и бесплатно за сите.“

Согласно членот 13 став 1 од Меѓународен пакт за економски социјални и културни права „Државите – страни на овој пакт го признаваат на секое лице правото на образование. Тие се согласуваат дека образованието треба да е насочено кон целосен развој на човечката личност и достоинство и да го зајакне почитувањето на човековите права и основни слободи. Освен тоа, тие се согласни дека образованието треба да му овозможи на секое лице да игра корисна улога во слободното општество, да го унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи и сите расни, етнички или верски групи и да го поттикнува развојот на дејноста на Обединетите нации за зачувување на мирот. Потоа со ставот 2. Државите – страни на овој пакт, со цел за обезбедување на потполно користење на ова право, признаваат дека: а) основното образование треба да биде задолжително и бесплатно, достапно за сите.“

Конвенцијата против дискриминација во образованието од 1960 година која Македонија ја има ратификувано во 1997 година, преку сукцесија, ЧЛЕН 3
„Со цел за укинување и спречување на секоја дискриминација во смисла на оваа Конвенција, државите членки се обврзуваат: а)да ги укинат сите законски и управни
одредби и да ја прекинат секоја управна практика која допушта дискриминација
во областа на просветата; б)да преземат потребни мерки, по потреба законодавни, за да не се спроведува никаква дискриминација ПРИ ПРИЕМОТ НА УЧЕНИЦИТЕ ВО ШКОЛИТЕ;

Важноста на вклучувањето на детето во составот на развој и образование, од што порана возраст е елаборирана и во документите на Европската Унија, известувањето од Европската комисија од 17 февруари 2011(6264/11) – страница 3, во која се наведува дека „раниот развој и образование е битен темел за успешно доживотно образование, социјална интеграција, личен развој и понатамошната вработливост. Надополнувачката средишна улога на семејството, раниот развој и образование има длабоки и трајни влијанија кои не можат да ги постигнат мерките кои се превземаат во понатамошниот живот“. За големата важност на институционален ран развој и образование и неговата добробит за поединците и општеството во целина, говори и заклучоците на Советот на Европската Унија (2011/C 175/03), објавени во Службен Весник на Европската Унија на 15 јуни 2011 година.

Понатаму, тука треба да се укаже и на правните начела Lex posteriori derogat priori и Lex specialis derogat legi generali. Во таа смисла може да се каже дека членот 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, а во таа смисла и членот 60 став 2 од Законот за основното образование е веќе правно дерогирана, а во однос на член 5, 6, 14 и 15 од Законот за заштита на правата на пациентите и согласно членот 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината, а во однос на членот 118 од Уставот, а во врска со член 26 и 27 од Виенската конвенција за договорно право.

Релевантни одредби од домашното право

Ставот 1 и 3 од Член 40 на Уставот на РМ гласат, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, односно, родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.

Во таа смисла Законот за семејство (Сл. Весник на РМ Бр. 153/2014 – Пречистен Текст), е јасен по тоа прашање и тоа член 8 став 1, „Родителите спрема своите деца имаат еднакви права и должности (родителско право)“ , односно ставот 2, „Односите на родителите и децата се засноваат на права и должности на родителите да се грижат за подигање, чување, воспитание и образование на своите деца и да ги развиваат нивните работни способности и навики. Согласно Законот за семејство, и тоа членот 45 став 1 „Родителското право им припаѓа на мајката и на таткото подеднакво.“

Тука важно е да се нагласи и членот 4 од Законот за Здравствената заштита (Сл. Весник на РМ Бр. 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16 и Сл. Весник на РСМ бр.101/19), според кој во здравствената заштита, треба да се почитуваат религиозните и филозофските убедувања на граѓанинот

Заклучок

Проф. Др. Гордана Панова, професор при медицинскиот факултет во Штип по предметот Медицинска етика во својата книга „Медицинска етика“ од 2010 година, на страница 52, пишува „Медицинската етика со своите основни начела го обврзува лекарот на почитување на личноста на пациентот. Пациентот мора да биде третиран хумано, како личност со право, како човечко суштество по општата вредност, што значи дека е неопходно да се почитува автономијата на личноста на пациентот и со ниедна постапка таа автономија не смее да биде нарушена … Почитувањето на автономијата на личноста на пациентот е едно од основните начела на медицинската етика и е битно за медицинската етика, но и за медицинското право, затоа што произлегува од правото пациент – човек. Пациентот има право на … информации за можните несакани ефекти во текот на лекувањето или за непријатностите и ризиците кои може да ги доживее во текот на дијагностиката, третманот и лекувањето. Конечно, автономно е и исклучително право …. се она што лекарот ќе му предложи и образложи да го прифати или одбие а тоа е информирана согласност – слободен избор, односно самоопределување.

За да може да се оствари информираната согласност, неопходни се три услови:

1. Согласноста на пациентот мора да биде дадена со негова волја,
2. Согласноста на пациентот мора да биде донесена без влијание на друга личност, и
3. Согласноста на пациентот мора да биде дадена врз основа на разбирањето на својата автономна и рационална одлука.“

Во тој однос може да се каже дека во Р. С. Македонија не постои правна одредба според кое детето при запишување во училиште потребно е да ги има задолжително примено сите вакцини. Но, за момент ако речеме дека има имало, истата одредба е правно дерогирана според законот за заштита на правата на пациентите (Сл. Весник на РМ бр.82/08, 12/09, 53/11, 150/15 и Сл. Весник на СРМ 190/19) член 4 став 1 точка 2, потоа член 5, 6, 14,15, како и член 5 од Конвенцијата за заштита на човечките права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената во биологијата и медицината (Сл. Весник на РМ бр.55/09), во врска со член 26 и 27 од Виенската конвенција за договорно право (Службен лист на СФРЈ бр.30/72), а во однос на член 118 од Уставот на РМ. Во таа смисла Република С. Македонија не може да се повика на внатрешното право за неисполнување на определен меѓународен договор. Европскиот суд за човекови права во пресудата по делото 42197/98 од италијанката Иларија Салвети утврдува: „Судот смета дека задолжителното вакцинирање како недоброволна медицинска интервенција е во спротивност со правото за почитување за личниот живот како што е загарантирано во член 8 од конвенцијата за човекови права и основни слободи“.

При тоа е битно да се потенцира и следното [1]:

· Доколку постојат и општ и посебен закон, важи правилото дека се применува посебниот закон (lex specialis derogat legi generalis). Ако некое прашање не е регулирано со посебен закон, тогаш се применува општиот закон како супсидијарен, односно како дополнителен.

· Карактер на закон како извор на правото има и … меѓународните договори ратификувани од законодавниот орган, т.е. на формален начин се изедначени со домашните закони.

[1] Скрипта по предметот Административно право на Доцент Др. Војо Беловски, Кочани, 2010 година, стр., 17 – eprints.ugd.edu.mk