Ново инклузивно игралиште на место на дотраеното во Капиштец близу Т.Ц Зебра

836

Ново модерно детско игралиште со седум нови реквизити добиваат децата од населбата Капиштец близу Т.Ц Зебра.

Новите реквизити се поставени на место на постојното кое беше дотраено и многу оштетено. Покрај новите елементи поставена е нова детска ограда и гумена подлога за побезбедна детска игра.

Новите реквизити се донација која Општина Центар на 26-та седница на Советот ги прифати како донација од општествено одговорната компанија Видеолотарија Казинос Австрија.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски се заблагодари за донацијата и ги повика останатите компании да донираат во проекти за правилен детски развој и социјализација на децата.

„Повторно се слуша детскиот џагор и смеа на детското игралиште близу трговскиот центар Зебра. Со донација од општествено одговорна компанија децата добиваат детска лулашка, дупла клацкалка, модуларен детски реквизит, детски реквизит за качување во форма на желка, клацкалка со федер во форма на животно, детски замок и дополнителна лулашка. Игралиштето има и нови гумени плочки како подлога и ограда од пластични моливи во шарени бои. Верувам дека сите овие елементи ќе допринесат до квалитетна детска игра и поголема социјализација меѓу децата“, изјави Герасимовски.

Од компанијата велат дека станува збор за модерно и инклузивно игралиште за безбедна игра на сите дечиња.

„Со донација од 2.200.000 денари Видеолотарија Казинос Австрија го реновираше ова игралиште и овозможи да добие модерен изглед на коешто дечињата ќе може да играат безбедно. Да напоменам дека е комплетно реновирано, обезбедена е нова подлога безбедна ограда и седум реквизити. Овозможено е да можат да играат сите дечиња вклучително да имаат инклузија дури и дечињата со попреченост. На овој начин овозможуваме сите да бидат безбедни, а дечињата да имаат безгрижен и забавен развој“, изјави Вики Чадиковска, маркетинг директор на Видеолотарија Касинос Австрија.

Општина Центар продолжува со изградба на модерни и функционални детски игралишта како нови рекреативни зони за најмладите. Во изминатиот период исто така и ги реконструиравме и фарбавме и чистевме детските игралишта во Капиштец, Дебар Маало и тие на Градски Ѕид.

Воедно Општина Центар апелира на примерно однесување и зачувување на реквизитите на детското игралиште со цел истите да не се кршат или оштетуваат затоа што децата на нив најмногу се радуваат. Колку повеќе чуваме, толку подолго и повеќе ќе имаме.