Нов бран на заболени од Ковид-19, можен карантин за одредени општини

315

Комисијата за заразни болести најдоцна до утре ќе одлучи дали ќе предложи враќање на рестриктивните мерки за време на продолжениот викенд, пред христијанскиот празник Духовден.

– Одлуката ќе ја донесеме во следните неколку денови, сигурно до четврток, имајќи предвид дека и в петок има празник, кога може да се случи граѓаните да не ги почитуваат превентивните мерки. Во однос на тоа како ќе се изведе, сигурно добро ќе се разгледаат регионите, па потоа ќе разговараме со одговорни лица во МВР, кои што евентуално би го организирале сето тоа. До четврток ќе се донесе дефинитивна одлука за тоа како ќе се организира движењето во текот на викендот, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Тој упати пораки до граѓаните дека игнорирањето на вирусот и негирањето дека тој постои, нема да помогне во надминувањето на оваа состојба и уште еднаш упати апел да се почитуваат превентивните мерки-носење маска, држење дистанца и често миење раце.

Министерот Филипче потенцира дека нашиот здравствен систем има капацитет да се справи со новиот бран на болеста.
– Има суштинска разлика меѓу првиот и овој бран.Тогаш, не знаевме што може да очекуваме, не знаевме колку може да се прошири вирусот, имаше многу непознати и за самиот вирус не знаевме колку може да го оптовари здравствениот систем, истакна Филипче, кој потенцира дека сега точно знаат што се случува.

Во однос на новозаразените во Штип, Државниот санитарен и здравствен инспекторат информира дека во тој град се затворени шесте конфекции, дадени се 55 решенија за самоизолација, а во текот на следните денови ќе се тестираат вкупно околу 600 вработени. Досега се направени 100 тестирања.

Во Тетово се издадени осум решенија за позитивно дијагностицирани пациенти, 54 за нивни контакти и има информации за еден нов кластер, еден позитивен со решение за самоизолација, а се прават анкети на 40 вработени. Се работи за правен субјект во Тетово, информира министерот Филипче.

Во однос на активностите на други места, тој посочи дека од вчера има 12 позитивни регистрирани од кумановскиот Центар за јавно здравје, од кои 11 се од Липково. Во однос на Липково, Чаир и Студеничани, Филипче истака дека дијагностицираните се во рамки на десет семејства.
– Огромен број контакти од вкупно дијагностицираните се во рамки на десет семејства, и тука се прават интервјуа, се ставаат луѓе во изолација, и се тестира согласно ризикот кој епидемиолозите го проценуваат од анкетите, додаде Филипче.

Меѓу новозаразените е и полицаец од пограничната полиција, кој бил на должност на јужната граница на нашата држава, по враќањето во Унгарија бил тестиран и е позитивен на коронавирусот.

Завчера биле направени анкети на триесетина странски полицајци на јужната граница и 30 наши, кои биле во контакт со полицаецот кој заминал. Анкетите се завршени и издадени се решенија за изолација.

Според Филипче, огромен број контакти од вкупно дијагностицираните се во рамки на десет семејства и тука се прават интервјуа, се ставаат луѓе во изолација и се тестира, согласно ризикот кој епидемиолозите го проценуваат од анкетите.

Позитивни на Ковид-19 две штитенички и тројца вработени во објекти на дом за стари лица во Ченто и Кадино.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека на состанок, претставници од Фудбалската федерација на Македонија и членовите на Комисијата за заразни болести донеле одлука да се тестираат сите спортисти пред почетокот на сезона, како и лицата кои се инволвирани во тренинзите.

Тој посочи дека донеле одлука да почнат индивидуалните спортови како тенис, а во однос на тестирањата за групните спортови, истакна дека тоа е договорено на официјалниот состанок на Федерацијата и Комисијата за заразни болести.

Министерството за здравство информираше дека вчера биле дијагностицирани 76 случаи позитивни со коронавирус, еден починат и 26 оздравени. Вкупната бројка на дијагностицирани се искачи на 2391.

Од направени 885 тестирања, вчера беа регистрирани 76 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-52, Куманово-2, Штип-1, Тетово-14, Велес-2, Гостивар-2, Кочани-1, Пробиштип-1 и Кратово-1.

Институтот за јавно здравје регистрира 26 оздравени пациенти во: Скопје-12, Куманово-2, Тетово-11 и Гостивар-1.

Во ГОБ „8 септември” почина пациентка од Струга (56г) примена во болницата на 21 мај како сомнителна на ковид, потврдена позитивна по прием во болница.