Најмалку 2.000 мумифицирани глави на овни од династијата Птоломеј се пронајдени во храмот посветен на фараонот Рамзес II во античкиот град Абидос во јужен Египет.
Египетското Министерство за туризам и антиквитети објави дека во храмот се пронајдени и мумифицирани овци, кучиња, диви кози, газели и мунгоси, пренесува Ројтерс.
Се претпоставува дека жртвите се доказ дека тогашните Египќани биле посветени на култот на Рамзес II и неколку илјади години по неговата смрт, додаваат од министерството.
Научниците од Институтот за проучување на античкиот свет на Универзитетот во Њујорк, кои ги водат овие ископувања, покрај мумифицираните животни откриле и структура на палата од периодот на шестата династија на Старото Кралство, чии ѕидови се дебелина повеќе од пет метри.
Абидос некогаш бил некропола за членовите на владејачката класа на египетските фараони и свето место посветено на богот Озирис.