„Неуспешните“ економски промотори на ВМРО-ДПМНЕ станаа „успешни“ економски советници на СДСМ-ДУИ

858

Шефот на дипломатијата смета дека и една инвестиција која ќе отвори десет работни места ги оправдува сите трошоци на економските советници.

Економски советници наскоро ќе заминат во Софија, Брисел, Женева, Рим и Чикаго, а се најавува ист потег и за други градови во светот. Дел од нив, ќе бидат од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, кои ќе добијат дипломатски статус односно ќе бидат дел од дипломатската мрежа на МНР во рамки на проектот за економска дипломатија.

За таа цел, шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска потпиша меморандум со министерот за економија Крешник Бектеши и заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Ова ќе биде втора група економски советници. Во првата беа избрани лица за во Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби. Ова е сè уште пилот-проект, а Османи очекува наскоро да влезе и во трета фаза.

„Посебно ме радува фактот што проектот за Економска дипломатија фактички го шириме со вклучување на претставниците и од економските ресори, ставени под една дипломатска капа, со што верувам дека ќе обезбедиме најсоодветно економско присуство според спецификите на разните региони и експертизата на различните ресори. Очекувам во наредниот период да обезбедиме услови и за влез во третата фаза, преку која во економската дипломатија ќе вклучиме и надворешни експерти и докажани професионалци од областа“, рече Османи.

Советникот во Софија ќе биде додадена вредност и во политичките односи

Иако станува збор за економски советник, лицето кое ќе биде испратено во Софија ќе биде додадена вредност и во политичките односи помеѓу Македонија и Бугарија. Советникот ќе се избере преку конкурс во МНР, кој е распишан пред неколку дена. Негова задача ќе биде да ги следи економските активности, соработката помеѓу бизнисите, можноста за инвестиции од двете страни, комуникацијата помеѓу луѓето, туристите …

„Неговата задача ќе биде малку поразлична од економските советници коишто ги испраќаме во другите држави бидејќи ќе се фокусира на секторската соработка во делот на економските односи, на трговските односи и во имплементација на Акцискиот план во делот на економската соработка. Имаше многу шпекулации дали постои економска соработка со Бугарија, дали има простор за бугарски инвестиции во државата, дали има одредена пречка, коишто ние ги демантиравме со факти. Државата е отворена за инвестиции од секоја држава, посебно од државите во регионот“, рече Османи.

По 17 години испраќаме претставник во ФАО

Во Брисел, Женева и Чикаго, ќе биде испратен советник кој ќе се избере на интерен оглас во Министерството за економија.

Економскиот претставник кој ќе биде испратен во Брисел ќе биде задолжен за земјите од Бенелукс, но министерот Крешник Бектеши вели тој ќе има задача и во однос на економските задачи од поглавјата што се отвораат при преговорите со ЕУ.

„Советникот во Брисел освен тоа што ќе ја промовира нашата држава во делот на привлекување инвестиции и зголемување на соработката меѓу нашите и компаниите од земјите на Бенелукс, ќе работи и во делот на исполнување на сите работи кои како Министерство за економија ги покриваме за да бидат хармонизирани со ЕУ, значи осумте поглавја во делот на трговијата, внатрешниот пазар, заштитата на потрошувачите, развој на туризмот, енергетиката …“, рече Бектеши.

Советникот во Женева ќе биде со надлежност за Светската трговска организација и компании во тој дел на Швајцарија, додека лицето кое ќе биде испратено во генералниот конзулат во Чикаго ќе има надлежност за регионот на таканаречените езерски сојузни држави (Илиноис, Мичиген, Висконсин, Индијана, Охајо и Минесота).

Министерството за земјоделство, пак, преку МНР ќе испрати советник во Амбасадата во Рим, со посебна надлежност за организацијата за храна и земјоделие – ФАО, но воедно ќе виде задолжен и за територијата на Италија. Изборот за оваа позиција, Министерството веќе ја завршило постапката и ја избрало Лилјана Поп Андонова, која е административна службеничка со долго искуство во соработка со меѓународни организации и со ФАО и повеќегодишно искуство како директорка на проектите на ИПАРД.

Заменик-министерот Трајан Димковски истакна дека ова е од исклучителна важноста затоа што по 17 години земјава ќе прати претставник во ФАО.

„Таа организација со години кај нас спроведува проекти и финансира. Покрај ФАО, оваа позиција што ја пополнуваме сега, ги покрива и другите две важни организации на ОН со седиште во Рим – Меѓународниот фонд за развој на земјоделство и Светска програма за храна, што отвора поле за нови проекти и развојни програми“, рече Димковски.

Од Министерството за земјоделство побарале да имаат претставник и во Каиро зашто економската соработка со Египет е, пред сè, во областа на земјоделските производи.

„Една инвестиција со 10 работни места ќе ги оправда сите трошоци“

Одлуката за испраќање советници е со решение од една година, но има можност за продолжување на мандатот до 3 години. Економските советници, кои ќе имаат дипломатски статус, според Османи, имаат пократок мандат од оној на политичките дипломати што ги праќа МНР (3 години) затоа што кај нив може да се видат конкретни резултати.

Тој вели дека полесно може да се евалуира нивната работа преку повеќе параметри, како што е тоа колку активности и средби имале за промоција на нашите економски потенцијали, дали ги прошириле пазарите за нашите производи, колку од компаниите со кои контактирале ја посетиле Македонија и колку инвестирале …

Шефот на дипломатијата смета дека не треба да се гледа колку трошоци ќе има државата од оваа економска дипломатија бидејќи истите ќе бидат оправдани и со една мала инвестиција.

„Но, една инвестиција која ќе отвори десет работни места ги оправдува сите трошоци за економските советници што се испратени“, вели Османи.

Трошоците за економските советници ќе си ги плаќа секое ресорно министерство и ќе бидат исти како и за секој дипломат што се праќа во странство – односно платата ќе се одредува според земјата каде ќе биде испратен и потрошувачката кошничка што ја има таму согласно пресметките.

Владата на СДСМ-ДУИ има намера да привлече странски инвестиции преку методот на Никола Груевски. Иако кога СДСМ беше во опозиција, ги нарекуваше неуспешни економските промотори на Груевски, сега ги промовира, нарекувајќи ги „економски советници“. Во 2016 година, СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ за економски промотори кои не успеваат и не ги испорачаат планираните резултати од 8 милијарди евра директни странски инвестиции. Денес министерот Османи вели дека дури и инвестиција со десет нови работни места, ќе го оправда постоењето на економските советници.