ОД СКРИЕНИОТ ТЕФТЕР

Неуспешна љубов | РАХЕЛА

By kukuriku

January 28, 2019

Еве мило мое момче, ти го пишувам ова писмо за да остане како доказ за една “неуспешна” љубов.

Секој се сеќава на мај, како на среќен месец, па и јас така некое време, а сега ми стана најлошиот во годината.

Се сеќаваш ли на првата вечер, кога дојде во мојот живот како по грешка, случајно, лудо, еј сеќаваш ли дека од таа ноќ во мојот живот сè се променило, а единствениот виновник си ти.

Помина некое време, а јас како да кажам, почнав нешто да чувствувам, нешто чудно кон тебе, не знам дали е можно. Не те познавам, јас никогаш не сум те допрела, а почнав да чувствувам нешто. Смешно, зар не? И мене ми е смешно.

Поминуваа ноќи, денови, времето се менуваше, а и јас заедно со него, и моите чувства кон сите и кон тебе, толку се соживеавме во таа улога дека значиме нешто еден на друг, фактички како да сме заедно, еј заедно, а никогаш ништо немавме, дали тоа е можно? Не, знам.

Се сеќавам кога нешто се скаравме, а ти ми велеше “еј, лудо, еднаш ќе седиме гушнати и ќе се смееме на сето ова” да, тоа би било толку убаво и среќно, што се сомневав дека тоа е вистина.

Нашите караници толку беа за мене мили, секогаш нешто ќе ми кажеш да престанам да се лутам и ми ја враќаш насмевката, ме познаваше во тоа малку време, повеќе од било кој, кој ме познаваше, и кога ќе речам нешто што не сакам, а ти знаеш дека јас тоа не го мислам, сѐ знаеше, се смеев на секоја твоја порака, бидејќи тие беа смешни, исто како и ти будалче, беше различен, а јас искусив многу страдања со луѓето, како да чекав да се појави некој токму таков, и ете се појави ти.

И така поминуваа деновите, нѝ беше убаво, дури и тој разговор, се сеќавам кога зборувавме за децата и нивните имиња, рече чудно, но, интересно име ”РАХЕЛА”, ме фасцинира, една мала ќеркичка по име Рахела.

Продолжува на страна 2  

Рахела, јас и ти би живееле во мал стан, ти би работел и би се враќал дома за ручек, а јас би ти правела палачинки. Ти би ги работел другите домашни задолженија, а за време на викендите би оделе во посета на родителите, така ли беше? Се сеќаваш ли на она кога си ја замислуваше онаа сцена: јас она како да се лутам, го вртам грбот, сакам да заминам, а всушност не сакам, а ти ме прегрнуваш и не ми дозволуваш, а јас како божем се тргам и велам ‘ма пушти ме’, а не сакам да ме пуштиш и на крајот логично – бакнеж. Се сеќаваш?

Јас многу добро се сеќавам на секој момент. Се сеќавам на твоите очи, бојата на тревата и на твоите сини старки со боја на ведро небо. Се сеќавам и на она “срце во розева боја и на последната боја на патлиџанот”, се сеќавам на сè и ќе се сеќавам. И така времето поминуваше.

Една вечер, седам сама дома и чекам, како и обично, тоа мало писмо да се појави. И се појави. Но не како пред тоа. Сега некако беше тажно, без врска. Ги немаше оние емоции. Некако беше поинаку, го почувствував тоа. И она твоено ”лудо” не звучеше како порано, звучеше ладно и празно, и така чекајќи некој убав збор, добив нешто друго, една голема порака напишана со мртви букви, онаа простувачка, си помислив во себе, “Боже, зошто и тој!?” Пишуваше сѐ она што и очекував, само беше прашање на време кога?

Но, ете, и дочекав, не се надевав на бог знае што, но сепак се надевав, бев подготвена да напуштам сè, но тоа секогаш се случува кога ќе те пуштат да си среќен, како да се подготвуваат нешто да ти одземат, се плашев од тоа. Но, добро … Доволно патетика, така е како е, ќе останат убави спомени на тебе, на мене и на нас. Ние не се фотографиравме, не патувавме, ние не направивме ништо, не постои ниту еден траг на доказ дека сме биле нешто. Ќе ми недостасуваш, а ќе ми недостасува и мојата насмевка каква само ти можеше да ја предизвикаш на моето лице, но ете. Јас му се враќам на мојот стар живот, тебе ти посакувам многу, многу среќа и љубов, прекрасен си и заслужуваш сѐ најдобро.

Паѓа дожд, јас ќе одам да спијам, повеќе не како порано, бидејќи јас немам причина да се будам и да чекам нешто што никогаш нема да дојде, и ете, ова е последното од мене, велат кога тагата ќе замине и ти ќе исчезнеш. И да, само да знаеш дека ми недостасуваше само еден допир, прегратка и бакнеж да се вљубам со тебе, тоа се чувствува.

Збогум, мило мое момче.

РАХЕЛА