Не е целта на училиштето главите на децата да ги полни со знаење, туку од нив да направи луѓе | Karl Gustav Jung

241

Ако личниот однос на детето со наставникот е добар, тогаш е од мала важност дали неговиот педагошки метод одговара или не одговара на најсовремените барања. Всушност, успехот на предавањата не се темели на методот.

Цврстата приврзаност кон родителите создава пречка за подоцна детето да се адаптира кон светот. Човекот кој пораснал е предодреден, сепак, за светот, а не засекогаш да остане дете на своите родители. За жал, постојат многу родители кои секогаш ги сметаат своите деца за деца, бидејќи, тие самите не сакаат да остарат и нема да се откажат од родителскиот авторитет и моќ. Сепак, тие имаат многу нездраво влијание врз детето, на тој начин што ги лишуваат од секоја можност за индивидуална одговорност. Овој штетен метод создава или несамостојни луѓе или оние кои својата самостојност можат да ја обезбедат само по заобиколни патишта.

Други родители, пак, поради својата сопствена немоќ, не се во состојба да му дадат на детето оној авторитет кој му е потребен за да може подоцна правилно да се прилагоди на светот.

Оттука, наставникот како личност има деликатна задача што, од една страна, не покажува никаков авторитет кој поробува, додека, од друга страна, треба да ја покаже токму онаа конкретна мерка на авторитет кон детето, која му доликува на еден зрел, искусен човек. Вештачки не може дури и со најдобра намера да се воспостави таква позиција, туку може да се постигне само по природен пат, дека наставникот како човек и граѓанин само си ја врши својата должност. Тој мора да биде исправен и здрав, што е најдобар педагошки метод, одн. добар пример. И најсовршениот метод нема да значи ништо ако лицето кое го применува не е супериорен, благодарение на вредностите на својата личност.

Инаку би било поинаку, кога во училиштето би било важно само наставните содржини на децата методично да се пренесат. Сепак, тоа претставува не повеќе од половина од вредноста на училиштето. Втората половина претставува навистина психолошко образование, кое се пренесува благодарение на личноста на наставникот. Задачата на ова образование е – да го преведе детето на друга страна, во друг свет, и со тоа да го надополни родителското воспитување. Последното (образование на родителите) може, и кога е многу внимателно, никогаш да не надмине одредена едностраност, бидејќи милјето останува исто. Училиштето, според тоа, е првиот дел од реалниот, голем свет со кое детето се сретнува и потребно е да му помогне во одреден степен да се одвои од родителското милје.

Ако личниот однос на детето со наставникот е добар, тогаш е од мала важност дали неговиот педагошки метод одговара на најсовремените барања. Всушност, успешните предавања не се потпираат на методот. Како што, воопшто и не е единствената цел на училиштето главите да се наполнат со знаење, туку спротивно на тоа, децата да ги воспитаат во вистински луѓе. Не станува збор за тоа со колку знаење натоварен некој излегува од училиште, туку дали училиштето успеало младиот човек да го ослободи од несвесниот идентитет со своето семејство и да го направи свесен за самиот себе. Без таа свест за самиот себе, тој никогаш нема да знае што навистина сака, туку секогаш ќе остане зависен и само ќе имитира, со чувство дека е погрешно разбран и спречуван.

Дел од книгата “За развој на личноста”, Карл Густав Јунг