Врв од стрела направен од метеорит

АРХЕОЛОГИЈА

Научниците од Швајцарија пронашле објект кој покренува повеќе прашања отколку одговори

By kukuriku

August 12, 2023

Иако шпекулираат како овој предмет дошол во Швајцарија, научниците истакнуваат дека се потребни дополнителни анализи.

Научниците во Берн, Швајцарија, за време на археолошките ископувања откриле предмет кој на прв поглед не е ништо невообичаено.

Станува збор за врв од стрела, за кој е откриено дека е стар три илјади години. Меѓутоа, по подобра анализа, тие откриле дека е направен од железо кое потекнува од метеор. За да биде целата ситуација уште помистериозна, научниците не можат да утврдат од каде всушност потекнува.

Врвот на стрелата, долг само нешто помалку од четири сантиметри, е пронајден во 19 век за време на ископувањата, а е идентификуван дури во февруари 2021 година како предмет од бронзеното време.

Како што истакнува Природонаучниот музеј во Берн, уметноста на производство на железо од руда се појавила во Централна Европа на почетокот на железното време, односно околу 800 година п.н.е.

Пред тоа, овој метал се сметал за исклучително редок и вреден бидејќи можел да се најде само во метеорити. Токму затоа предметите направени од железо од метеорит се исклучително ретки – досега се познати само 55 такви предмети во цела Европа, Азија и Африка.

Со оглед на тоа дека врвот на стрелата е пронајден на само неколку километри од местото каде што е пронајден метеоритот Twannberg, научниците сакале да проверат дали врвот на стрелата е направен од истиот метал.

Сепак, тестовите кои беа направени и објавени во научен труд покажаа дека не е метал од истиот метеорит. Анализата на металниот состав покажа дека има двојно повеќе никел во врвот на стрелката отколку во остатоците од локалниот метеорит.

Со анализа на други метеорити во Европа, научниците дошле до заклучок дека врвот на стрелата најверојатно е направен од метеорит кој паднал на речиси 1.000 километри понатака – во Естонија.

Се смета дека најверојатниот извор на металот е метеоритот Kaalijarv, кој паднал во Естонија за време на бронзеното време (околу 1500 г. п.н.е.). Падот на овој метеорит произвел неколку кратери со дијаметар до 100 метри. Бидејќи најголемите фрагменти од метеоритот експлодирале на земјата, би требало да се формираат многу мали фрагменти.

Научниците шпекулираат дека врвот на стрелата пристигнал од Естонија во Швајцарија преку познати трговски патишта кои биле активни веќе во бронзеното време.

Сепак, додаваат дека е потребна дополнителна анализа за да се потврди тоа.

Сè додека не се потврди таа анализа, врвот на стрелата, заедно со другите пронајдени бронзени предмети, ќе бидат изложени во Историскиот музеј во Берн од 1 февруари 2024 година до 21 април 2025 година.