Планината Златар, недалеку од Коњиц, со децении ја чувала најважната воена тајна на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Само четворица воени команданти биле официјално информирани за постоењето на бункерот, заедно со внимателно избраните работници кои морале да потпишат интересен договор. Од предната страна изгледа како три обични селски куќи во прирпда.
Сепак, овие три куќи ја кријат тајната на најважниот воен објект, трет по важност во поранешна СФРЈ.
Бункерот е изграден со цел да обезбеди засолниште за претседателот Тито, неговото семејство и најблиските соработници во случај на нуклеарна војна. Исто така, требал да служи како команден центар за воени операции, односно како засолниште за Штабот на Врховната команда.
Овој комплекс, кој наликува на лавиринт, има повеќе од 100 соби и може да обезбеди сместување за 350 луѓе во период од 6 месеци, стои на официјалната веб-страница на бункерот на Тито, кој сега е туристичка дестинација.
Бил одлично опремен
Денес, години по завршувањето на бункерот, наместо Тито и високата команда, посетителите доаѓаат во колони да ја обиколат оваа значајна дестинација, не поради страв од нуклеарна војна, туку поради туристичко разгледување. По 2000 година, јавноста почна да ја открива тајната база, што поттикна интерес за истражување на ова архитектонско ремек дело сместено длабоко во планината Златар кај Коњиц.
Во случај на нуклеарен напад, бункерот бил опремен да прими 350 луѓе од воениот и политичкиот врв на поранешна СФРЈ. Овие луѓе би можеле да останат внатре шест месеци без контакт со надворешниот свет бидејќи бункерот е опремен со сѐ што е потребно за нормален живот. Во бункерот температурата се одржувала меѓу 21°C и 23°C, додека влажноста на воздухот била меѓу 60% и 70%, што се идеални услови за престој.
Овој комплекс бил дизајниран да издржи директен удар од нуклеарна ракета со моќност до 24 килотони, што во тоа време претставувало импресивна одбранбена способност. Иако Југославија размислувала да развие сопствено нуклеарно оружје, таа никогаш не го поседувала.
Тито никогаш не го посетил
Затоа, таа би била ранлива на такви напади и би била ограничена во способноста да одговори, освен со конвенционални средства. Како резултат на тоа, заштитата на воениот персонал и командантите стана главен приоритет во сценариото за нуклеарен конфликт со цел да се обезбеди комуникација меѓу единиците и да се одржи функционирањето на државата во такви екстремни услови.
Интересно е што овој бункер бил наменет за Тито, но тој никогаш не го видел. Комплексот има структура која вклучува станбени простории, канцелариски простории, конференциски сали и други единици. Благодарение на напорите на воените и разузнавачките тела на поранешната држава, бункерот кај Коњиц остана строго чувана тајна до колапсот на земјата во 1990-тите.
Изграден е во периодот од 1953 до 1979 година во внатрешноста на ридот во подножјето на планината Златар. Ова е најголемото засолниште против нуклеарни напади и, воопшто, најголемиот подземен објект изграден на територијата на поранешна Југославија. И десет години по завршувањето на изградбата, овој објект сè уште бил најстрого чуваната тајна на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Има и скриен излез од објектот кој не е означен на картата. Тој излез води до ридот над зградата, висок 170 m, каде што се наоѓа релејниот центар на планината Златар.
Скап проект
Достапните информации за овој објект се исклучително ретки. Градителите кои учествувале во изградбата биле внимателно избрани и проверени. Секој од нив потпишал договор за доверливост, а сите вработени биле подложени на строги безбедносни проверки од тогашните разузнавачки агенции.
Што се однесува до тајноста околу изградбата на овој објект, важно е да се напомене дека сознанија за тоа имале само четворица воени команданти, а тоа биле високи владини функционери. Целиот проект чинел неверојатни 4,6 billion USD.
Иако, за среќа, бункерот никогаш не бил искористен за она за што бил наменет, неговата мистична приказна, како и неговата неверојатна градба, со години се фасцинантни. Бункерот стана туристички хит иако неговата примарна намена била сосема поинаква.