Над 200 починати во Бреша за една недела, просечно се заразуваат по 250 дневно

709

По Бергамо, северниот италијански град Бреша е втора најпогодена провинција во Италија од новиот коронавирус. Трендот на континуиран пораст на бројот на заразени и починати е предмет на загриженост за експертите.

Просечно се регистрираат по 250 нови заразени лица дневно, со над 200 починати секоја недела.

Повеќе од 4.000 жители се ставени во карантин во градот со 200.000 жители познат како една од најиндустриски најразвиените области во Ломбардија.

Речиси половина од фабриките решија да затворат на своја иницијатива, вклучувајќи ја и индустријата за оружје „Берета“.

Мртовечницата во градот е преполна, а трупови сега се сместени во капелата на локалната болница.

Крематориумот работи постојано од 4 часот наутро до 1 часот ноќе. Властите се обидуваат да најдат нови места за болнички кревети во старечки домови и приватни клиники.

Дури и префектот на градот Атилио Висконти е заразен.

Властите решија да формираат теренска болница за справување со кризата – за таа цел тие побараа помош од армијата и нејзините воени лекари.

Пациент број 1 во Бреша е 51-годишен наставник во центар за попреченост заразен пред 20 дена, но сега е добро.

Деновиве почина неговиот 38-годишен ученик, најмладата жртва на коронавирусот во Италија.